Инвестициската компанија „Хипгнозис Сонг Фонд“ ги купила 50 отсто од правата на целиот опус на легендарниот музичар Нил Јанг.
За правата на 1.180 песни на канадскиот фолк-рок кантавтор му платила 150 милиони американски долари.
Оваа компанија им нуди на заинтересираните можност да се инвестира во музички хитови, веќе ги купила правата на песните на Марк Ронсон, Бери Манилоу и на музичките групи Блонди и Шик.
Компанија „Хипгнозис Сонг Фонд“ поддржана од ветеранот Мерк Меркуријадис ги претвора делата на музичките sвезди во извор на приход.
– Овој договор ќе ја смени нашата компанија засекогаш. Го купив првиот албум на Нил Јанг на седумгодишна возраст и го знам секој збор, секоја нота, секоја пауза – изјавил Меркуријадис за Би-би-си, додавајќи дека од тогаш „Нил Јанг, или ако може да се каже неговата музика“, е негов „неразделен пријател“.
По откупувањата на правата „Хипгнозис“ заработува секој пат кога некој ја пушта и користи музиката на нивните клиенти на радио, во филм или во ТВ-емисија.
Компанијата работи на лондонската берза од јули 2018 година. Меркуријадис, пред да ја основа, соработуваше со sвезди меѓу кои се Бијонсе, Елтон Џон и музичките групи Ајрон Мејден и Ганс анд Роузес. Тој смета дека инвестирањето во музика е „исто толку профитабилно како инвестирањето во злато или нафта“ и додава дека авторските права се стабилен извор на приход, бидејќи таквата заработка е поштедена од промените на пазарот.
Продажбата на музички каталози на песни стана вистинска деловна активност уште од почетокот на пандемијата, бидејќи инвеститорите ја гледаат музиката како стабилен извор на приход на турбулентниот пазар.