Неколку месеци траеја подготовките за реализацијата на првиот поп сингл на Никола Зачески, кој дипломирал на музичката академија во Скопје, отсек соло пеење. Пријателите, но и критичарите, го знаат и како „волшебниот глас“. Досега аматерски сними неколку свои изведби на познати македонски хитови, како „Велигден“ и „Километри“, но за првиот самостоен проект собра врвна екипа на професионалци од Македонија и од Австралија, каде што живее веќе две години.
Песната се снимаше во студиото „ХЛ Момироски“, за музиката и за продукцијата беше задолжен Николче Мицевски, а текстот на песната „Срцето мое тука чука“, посветена на Македонија, го напиша Весна Малинова. Интересната видео приказна снимена на неколку локации во нашата земја ја реализираа: Пеце Здравковски, Ѓорѓи Вацев, Христијан Српцански, а главните ликови ги играат манекенките Клаудија Бабаровска и Симона Митревска. Продуцент е Горан Вељановски.
– Многу успешно и со преголема енергија се заврши комплетното снимање за мојата прва песна и спот во Австралија и Македонија. Со нетрпение чекам да го споделам со вас овој мој прв најголем проект, во чие создавање учествуваа врвни професионалци. Се надевам дека ќе успее да допре нашата порака до секој од вас. Пораката е едноставна и нејзина цел е оние кои ќе ја слушнат песната да почувствуваат љубов, среќа, радост, убавина… – вели Никола Зачески за своето првенче.
Инаку, Никола својот талент и искрена љубов кон музиката, посебно кон македонската, ги покажува од најрана возраст. Учи да свири пијано на десет години, кога почнува и да пее. Завршил средно музичко училиште во Битола, а подоцна и Факултет за музичка уметност „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Работел како професор во средното музичко училиште „Климент Охридски“ во Битола. Уште за време на своите студии Никола учествува на многу интернационални музички натпревари во Русија, Полска, Франција, Шпанија и Бугарија, освојувајќи 11 награди, а како хорист освоил пет меѓународни признија. Покрај интернационалните успеси, како дел од Македонската Опера и Балет настапува на Охрискиот, Битолскиот и на Скопскиот фестивал. Своето оперско пеење го усовршува во Русија, Италија и во Австрија. Освен оперска музика почнува да пее и поп и традиционални македонски песни. Уште кога имал 7 години станал играорец, а подоцна и кореограф и остварил соработка со националниот ансамбл „Танец“.
Во 2018 година се сели во Австралија, каде се приклучува на танцовиот ансамбл „Тоше“, како главен кореограф. Бил дел од голем број хуманитарни концерти во Македонија, Австралија и низ целиот свет и станува водечки член на „Игри без граници“, организација посветена на создавање и организирање настани од хуманитарен карактер, со цел подигање на свеста и обезбедување на финансиски средства за децата во Македонија и целиот свет. Во февруари годинава во Мелбурн го организира хуманитарниот настан „Насмевка за овој свет – Насмевка за едно дете“, во спомен на Тоше Проески. М.Т.