Непалски планинари добија херојски пречек на аеродромот во Катманду откако неодамна станаа првите луѓе кои го искачиле вториот највисок врв на светот К2 во сурови зимски услови, пренесува „Асошијетед прес“.
– Како тим, се чувствуваме многу горди и почестени. Мислам дека му испративме јасна порака на светот: ако се обединиме, ништо не е невозможно и сите сме среќни – изјави Нирмал Пурџа, учесник во историската експедиција, кој го држи рекордот за најбрзо искачување на 14-те највисоки врвови на светот.
Зимското искачување на К2 претставува посебно остварување за непалските планинари и затоа што на нив со децении се гледаше само како на водичи на странски планинари.
– Оваа експедиција го подигна статусот на непалските планинари до нови височини – додаде Мингма Шерпа организатор на експедицијата.
К2 е најпознатиот врв на планинскиот венец Каракорам и втор највисок на светот, зад Монт Еверест. Тој е последниот врв повисок од 8.000 метри што никогаш не бил искачен во зима. Непалскиот тим се погрижил сите десет членови во исто време да стасаат на врвот.
– Сите десетмина работевме заедно на исто ниво. Сите подеднакво си ги ризикувавме животите. Затоа најчесно е заедно да го делиме подвигот – рекол Пурџа.