Од 4 октомври, во соработка со агенцијата „Арботравел“, ќе почнеме со еднодневна посета на македонски градови. Секој што ќе дојде на ова кратко патување ќе може да научи нешто што не го знаел досега за тие места, најавува Јанакиевска
Гордана Јанакиевска, туристичка работничка
Гордана Јанакиевска е туристичка работничка со стаж долг 50 години, а нејзина специјалност е Македонија. Вели дека иако нашата земја ја прошетала многупати, сѐ уште има некој нов локалитет што ќе ја воодушеви и со убавината и со својата приказна. И покрај кризата во туризмот поради пандемијата на коронавирусот, таа, заедно со своите соработници, од 4 октомври започнува со реализација на проектот „Истражи ја Македонија“, во чии рамки ќе се прават еднодневни патувања во повеќе македонски градови, а Јанакиевска за секое место ќе подготви интересни податоци, поврзани со знаменитостите на градот.
Како во неколку реченици би му ја опишале Македонија на некој странец?
– „Господ пет дена го создавал светот, шестиот ден ја создавал Македонија и затоа таа е толку убава“, ова го рекол познатиот холандски писател и антифашист А. ден Долард, кој го прослави Охрид со својот роман „Свадбата на седумте цигани“. Тој живеел во сокачето, кое сега гледа на влезот во култниот ресторан „Летница“. Тој е моја голема инспирација и мотив да му се посветам на туризмот и особено на Македонија, која им ја покажувам на странците, но и на нашите луѓе, бидејќи малку ги познаваат убавините и приказните за оваа земја.
Дали сте задоволни од она што лично сте го направиле за промовирање на убавините и на културното и историско богатство на нашата земја?
– Никогаш не може да си задоволен. Секогаш кога ќе помислам дека ја познавам Македонија ќе се појави нешто што не знам. Многу години сум во туризмот, речиси во сите стратегии активно учествував, но сите тие останаа само на хартија, без подобра реализација. Мислам дека во туризмот недостига генерална стратегија за развој на секој крај и посветеност таа да се реализира.
Состојбата со пандемијата на коронавирусот најмногу го погоди туризмот, како се адаптиравте на новите услови?
– Подолго време сум доста активна на социјалните мрежи, но во последно време повеќе, веројатно и короната има својот удел во тоа. Најмногу работам на Линкедин со темата „Дали знаете“, од каде што се роди иницијатива на нашинците од дијаспората дека тоа треба да се преточи во книга. Таму имам над 28.000 луѓе што ме следат и навистина сум изненадена колку тие не ја познаваат татковината. Со поддршка на дијаспората се прават подготовки да се издаде книга „Дали знаете“, на македонски и на англиски јазик. Колку ќе успееме во оваа идеја во моментов не можам да кажам, бидејќи поради пандемијата собирањето на средствата за печатење оди бавно. Но, искрено, се надевам дека книгата ќе види виделина. Таа би требало да биде еден поинаков водич низ приказните и убавините на Македонија.
Еден од вашите проекти за подобра туристичка понуда на интернет е страницата „Кингмарколенд“, кажете ни нешто повеќе за тоа?
– „Кингмарколенд“ е проект што постои веќе 15 години. Тоа е здружение на граѓани чии членки се сите чинители во туризмот. Моја задача како продукт-менаџерка е да ја водам приказната и да им овозможам да имаат дополнителна можност за работа и заработка низ приказна наречена – туризам низ легенди. Приказната започна со проучување на топонимите, приказните и песните за Крали Марко, а подоцна прераснува во покана да дојдете во оваа земја и да си го најдете својот принц, бидејќи сите принцови – жаби се наоѓаат тука на овој простор. Нема дел од Македонија за кој не постои некоја легенда или убава приказна, имаме наши сувенири, храна „Крали Марко“, денови на Крали Марко и слично. Дека тоа е успешно покажува и неговата долготрајност.
На 4 октомври од Прилеп почнува проектот „Истражи ја Македонија“. Што интересно ќе им понуди на заинтересираните граѓани?
– Почнуваме со посета на градови секоја недела, а прв ќе биде Прилеп. Бев десетина дена во август во Охрид и многу пријатели со кои се сретнав ме прашуваа што да посетат во овој древен град. Зачудува што многумина не знаат за наколното живеалиште или за изработката на хартија, па дури и за црквите. Тоа ми даде идеја да се понудам, во соработка со агенцијата „Арботравел“, да почнеме со посета на градови со моја интерпелација на приказните од проектот „Дали знаете, со Гордана“. Има интересни податоци за градовите што ќе ги посетиме, кои се надевам ќе им се допаднат на посетители. Истовремено секој што ќе дојде на ова кратко патување ќе може да научи нешто што не го знаел досега за тие места.
Која е вашата најголема желба, поврзана со развојот на туризмот во Македонија?
– Мојата желба секако би била да си ја сакаме и познаваме повеќе земјата и што повеќе агенции да се занимаваат со туристичка програма поврзана со Македонија, бидејќи таа го заслужува тоа.