Козметички брендови го исфрлаат талкот од листата на производи
Познатите козметички брендови „Шанел“, „Ревлон“ и „Л’ореал“ почнаа да се откажуваат од употребата на талк (беби-пудра) во своите производи, по неколкуте судски тужби во САД дека предизвикува рак и загриженост кај потрошувачите. Во оваа постапка им се приклучија и други компании. „Ројтерс“ пишува дека луксузната козметичка компанија „Шанел“ го отстранила талкот од прашкестата пудра за лице и од пудрата за тело, поради негативната перцепција на неговиот минерален состав, на што насочуваат судските документи.
И „Ревлон“ го тргна талкот од своите производи за тело, а „Л’ореал“ наоѓа некои други решенија за овој минерал, односно бара соодветна замена.
Овие потези дојдоа по испитувањата на потрошувачките групи, регулатори и производители на талк. Инаку, талкот понекогаш се наоѓа на иста карпа со азбестот, кој има канцерогено дејство, а се користи во илјадници козметички производи за лична нега, бидејќи апсорбира влага, спречува потење и ја прави кожата мека. И „Џонсон и Џонсон“ се соочува со тужби, како и „Авон“ и најави дека ќе престане да ја продава пудрата поради негативните кампањи.