Додека жителите на градовите во светот се наоѓаат изолирани во своите домови, а мерките за ограничено движење се сѐ построги, животните ја користат можноста да прошетаат низ пустите градски улици, од Јапонија до САД.
Несомнено пандемијата на коронавирусот радикално го смени ритамот на урбаниот живот, па може да се видат и првите знаци дека животните, особено оние што биле на периферијата на градовите, љубопитни поради отсуството на луѓето се спуштаат и ја истражуваат бетонската џунгла.
Слично е и кај нас. На охридското пристаниште деновиве е забележана ретката птица позната како големиот нуркач (Podiceps cristatus), фатена од камерата на член на „Охрид СОС“. Од граѓанската иницијатива велат дека намаленото присуство на луѓе периодов предизвикало да се забележат и некои досега „невидливи“ животински видови.
– Лебедите навлегуваат кон чаршијата, а пак други видови се охрабрени и слободно се движат по парковите, зелените површини. Во недостиг од градска бучава, се слуша пеењето на птиците. Во вакви услови можеме да видиме колкав е човечкиот притисок врз нив, врз животната средина, и колкав простор им одземаме – додаваат од граѓанската иницијатива, која ја сподели фотографијата.
Пред неколку недели на пешачки премин на една скопска улица беа фатени од објективот на Арбнора Мемети диви патки како поминуваат на зебра, а фотографијата многу брзо се прошири на социјалните мрежи.
И во фонтаната во центарот на Скопје деновиве пливаат патки, а глетката ја забележа фотографот Роберт Атанасовски.
На пристаништето во Солун се појавија делфини, исто како што беа забележани риби, патки, корморани, па и лебеди во каналите на Венеција. Во Италија, една од најтешко погодените земји со епидемијата на коронавирусот, низ пустите улици на градовите шетаат коњи, овци, диви свињи… На Далечниот Исток, во јапонскиот град Нара, елени талкале низ градските улици, а во Панама, на плажите во празното туристичко место Сан Фелипе, ракуни уживале и се излежувале. Граѓаните на Окланд, во Калифорнија, САД, забележале диви мисирки на улиците, во град во Велика Британија шетале кози, а во Барселона се забележани диви свињи како слободно шетаат по пустите улици. Во Сантијаго, Чиле, и една пума талкала низ градот.
Според стручњаците, животните се плашат од луѓето и од звуците што ги произведуваат. Сега, во тишината, тие се чувствуваат посигурно и затоа одат во извидница, често во групи, за да видат што се случува во урбаните бетонски џунгли.
Во зоолошката градина „Оушн парк“ во Хонгконг, пак, се случи вистинско чудо, пандите Јинг Јонг и Ли Ли наскоро би можеле да добијат принова, и тоа по десетгодишни неуспешни обиди за парење. Вработените велат дека мажјакот Јинг Јонг почнал да флертува со Ли Ли кога во зоолошката веќе не доаѓале посетители.