Нетфликс се соочува со остри критики од режисерите во однос на новината што ја спроведува со вклучување на функцијата за забрзување на филмовите
Режисери и филмски креатори се спротивставија на новата тест-функција што ќе им овозможи на корисниците забрзано да гледаат одредени филмски наслови. Откако неколку сајта за технологија ја забележаа новата опција на апликацијата, гигантот за стриминг потврди дека ја испробува функцијата, што значи дека некои преземени филмови и серии може да се гледаат со побавно или побрзо темпо на мобилните телефони. Овој потег предизвика гнев кај режисерите, меѓу кои и Џуд Апатоу и Бред Бирд.
– Не терајте ме да ги повикам сите режисери на Земјава за да се бориме против ова. Заштедете ми време. Ќе ве победам, но ќе ми биде потребно еден тон време. Не чепкајте го нашето време. Ние ви даваме убави нешта. Оставете ги онака како што треба да бидат видени – изјави Бирд, режисерот на „Хаос во најава“, кој ја кокреира серијата „Љубов“ на Нетфликс.
Бирд, чии филмови ги вклучуваат „Неверојатните“ и „Невозможна мисија: Протокол дух“, напиша дека станува збор за „уште една спектакуларно лоша идеја“, како и за „уште едно намалување на и онака реткото одење во кино“.
Корежисерот Питер Ремзи, кој работеше на „Човек-пајак: нов свет“, исто така е погоден од новината.
– Дали сè мора да биде дизајнирано за најмрзеливите, и тоа на најневкусен начин – рече Ремзи.
Режисерот на „Човек-мравка“, Пејтон Рид, пак, смета дека ова е ужасна идеја и дека тој и сите режисери што ги познава ќе се борат против новата функција.
Ѕвездата на серијата „Брејкинг бед“, Арон Пол, исто така го сподели своето незадоволство од вестите.
– Нема шанси Нетфликс да успее во ова! Тоа би значело дека тие целосно ја преземаат контролата врз туѓата уметност и ја уништуваат. Нетфликс се многу подобри од тоа. Дали сум во право, Нетфликс – праша Пол.
Платформата претходно исто така беше критикувана за опцијата да се прескокнуваат воведите на одредени филмови и серии.
Новата пробна опција моментално е достапна само за мал пакет на уреди со оперативен систем андроид и им дава на гледачите можност да пуштаат содржини од 0,5 x, редовна брзина, до 1,5 x. Почесто се користи за поткасти, дозволувајќи им на слушателите да слушаат епизоди со поголема брзина.
– Ние секогаш експериментираме со нови начини да им помогнеме на корисниците на Нетфликс. Овој тест овозможува да се одбере брзината со која луѓето гледаат емисии на своите мобилни телефони. Но, како и со секој друг тест, не мора да значи дека тој ќе стане постојана опција на Нетфликс – изјави портпаролот на Нетфликс.
Веста пристигнува само неколку недели пред да се објави нивниот досега најдолг оригинален филм, крими-драмата на Мартин Скорсезе, „Ирецот“, која трае 210 минути и за која сајтот „Венити фер“ посочи дека сега ќе може да се изгледа за помалку од три часа.