Алек Болдвин со многу емоции и солзи првпат проговори за трагедијата што се случи на снимање на вестернот „’Рѓа“ во американската сојузна држава Ново Мексико.
Во најавата за телевизиско интервју за „Еј-би-си њуз“, објавена во средата, 63-годишниот актер категорично тврди дека не го повлекол чкрапалото од оружјето што го држел и дека воопшто не знае како е можно вистински куршум да биде присутен на сет.
Болдвин, кој во раката држел пиштол за кој му било кажано дека е безбеден кога пукна и ја уби снимателката, зборуваше во своето прво интервју за фаталниот инцидент на 21 октомври во Ново Мексико.
– Чкрапалото не беше повлечено. Не го повлеков чкрапалото – истакна актерот во разговорот со новинарот на телевизијата „Еј-би-си“, Џорџ Стефанопулос, според извадокот од интервјуто, кое треба да се емитува во четврток.
Значи, никогаш не сте го повлекле чкрапалото?“, праша Стефанопулос.
„Не, не, не. Никогаш не би вперил пиштол кон никого и не би го повлекол чкрапалото. Никогаш,“одговора Болдвин.
Снимателката Халина Хачинс беше убиена, а режисерот Џоел Соуза ранет во она што Болдвин претходно го нарече трагична несреќа на сетот на вестернот што се снимаше во близина на Санта Фе.
Досега не е поднесена кривична пријава. Истражителите кои работат на случајот ги фокусираа своите напори на тоа како боева муниција се најде на сетот.