Од комарци умираат 750 илјади луѓе годишно, а од ајкули само шест
Кога ќе се соберат сите смртни случаи во една година што настанале како резултат на напади од животни, се доаѓа до неверојатна бројка, која надминува 1.371.000 изгубени човечки животи. Иако може да изгледа нелогично, но најсмртоносните суштества во животинското царство не се големи предатори како мечки или ајкули. Според статистиките, повеќето од смртните случаи предизвикани од животни, всушност, и не се предизвикани од животните, туку од болестите што тие можат да ги пренесат.
Иако изгледаат најзастрашувачки, ајкулите многу ретко напаѓаат луѓе, односно кога луѓето влегуваат на нивна територија. Во просек, околу шест луѓе годишно умираат од напад на ајкула. Следни на листата се волците, од кои во просек настрадуваат по десет луѓе годишно. Најмногу смртни случаи се регистрирани во регионите на Индија. Процените за тоа колку луѓе умираат од лавови се разликуваат од година на година. Некои истражувања сугерираат дека лавовите убиле 563 луѓе во Танзанија од 1990 година досега, односно во просек по 22 лица годишно. Смртните случаи како резултат на напади на лавови се случуваат и во други земји, па нивниот вкупен број е тешко да се одреди.
Статистиките објавени во магазинот „Национална географија“ велат дека слоновите биле одговорни за 500 човечки смртни случаи годишно. Нилските коњи долго време се сметаа за најсмртоносни животни во Африка. Познато е дека овие џиновски животни се агресивни кон луѓето и не треба да им се приближуваат. Просекот на смртни случаи предизвикани од нилски коњи на годишно ниво е 500. Свинската тенија предизвикува цистицеркоза, од која годишно во просек умираат 700 луѓе. Следни на листата се крокодилите, од кои годишно страдаат најмалку илјада луѓе. Големата детска глиста е паразит што ја предизвикува инфекцијата аскаријаза, која убива околу 4.500 луѓе годишно. Оваа болест го напаѓа тенкото црево и почесто ги погодува децата отколку возрасните.
Мувата цеце е виновна за смрт на 10.000 луѓе годишно. Овој инсект ја пренесува таканаречената болест на спиењето, паразитска инфекција што се манифестира со главоболка, треска, болки во зглобовите и чешање, но подоцна може да предизвика сериозни невролошки проблеми. Се верува и дека бројот на смртни случаи е поголем. Бубачките редувиде, кои се нарекуваат и бубачки-бакнеж, се носители на болеста чагас, од која годишно умираат околу 12.000 луѓе. Тие ги касаат луѓето исклучиво на лицето.
Слатководните полжави се носители на паразити што предизвикуваат болест кај луѓето наречена шистозомијаза, која предизвикува силна болка во стомакот и крв во столицата и урината, во зависност од делот од телото што е зафатен од инфекцијата. Милиони луѓе доаѓаат во контакт со оваа инфекција секоја година, а се проценува дека повеќе од 20.000 заразени луѓе умираат од неа.
Кучињата, особено оние заразени со вирусот на беснило, се едни од најсмртоносните животни во светот. Околу 35.000 луѓе умираат секоја година од вирусот на беснило, а во 99 отсто од случаите луѓето се заразуваат со него кога ќе бидат каснати од заразено куче. Според статистичките податоци, од каснување од змија умираат повеќе од 100.000 луѓе годишно. Иако не се животни, луѓето се на второ место меѓу најголемите убијци на човечки суштества на годишно ниво. Статистиките велат дека годишно во светот се случуваат повеќе од 437.000 убиства, што ги прави луѓето вториот најголем убиец.
Комарците се на првото место на листата „убијци“, со просек од 750.000 предизвикани смртни случаи годишно. Половина од овие смртни случаи им се припишуваат на маларичните комарци.