Најголемата санта мраз во светот, која научниците ја нарекоа „А68а“, се заканува да се судри со британската територија Јужна Џорџија на Антарктикот. На островот живеат колонии на пингвини и фоки, и постои голема можност „А68а“ да го погоди нивното живеалиште и да го уништи, објавува Би-би-си. Научниците стравуваат дека ова ќе го означи крајот на овие животни на островот Јужна Џорџија.
– Постои опасност „А68а“ да остане на местото на судирот со островот, што би го нарушило екосистемот барем во следните 10 години – изјавил професорот Герант Тарлинг од британскиот центар за истражување на Антарктикот.
Патеките што вообичаено ги следат пингвините и фоките можеатда бидат блокирани, со што ќе им се оневозможи да ги хранат нивните младенчиња. Згора, на животните на местото на ударот им се заканува уништување, а на природата ќе и треба долго време да се опорави од таквата штета.
– Тоа би го нарушило не само екосистемот, туку и економијата на риболов на Јужна Џорџија – додал Тарлинг.
Оваа британска територија претставува еден вид „гробишта“ за најголемите санти мраз на Антарктикот. Големите санти мраз пловат до бреговите на Антарктикот носени од силни струи, а потоа се насукаат во поплитките делови на морето, долж брегот на овој далечен остров. Тоа се случува од време на време.
Такво е патувањето на сантата мраз „А68а“ со зашилен врв, која лута по морето околу Антарктикот од средината на 2017 година, само неколку стотици километри југозападно од Јужна Џорџија.
Сантата мраз „А68а“ зафаќа површина од 4.200 квадратни километри и тежи неколку стотици милијарди тони. Сепак, таа е релативно тенка (околу 200 метри или помалку под вода), што значи дека има шанса да се стопи пред да стигне до Јужна Џорџија.
– Судирот може да има огромни последици, ќе им овозможи на предаторите од копното да дојдат и да јадат пингвини и фоки. Кога зборуваме за фоки и пингвини, во чувствителен период кога се млади и нивните родители треба да се грижат за нив, растојанијата што треба да ги поминат за да им донесат храна можат да бидат клучни ако треба да патуваат долго. Тоа значи дека можеби нема да можат да ги хранат своите младенчиња пред да умрат од глад – објаснува професорот Тарлинг.
Ова не е прв ваков случај. Кога голема санта мраз ја погодила Јужна Џорџија во 2004 година, бреговите биле покриени со мртви млади пингвини и фоки.
Така, сега истражувачите од британскиот центар се обидуваат да соберат што повеќе информации за „А68а“ и да развијат план во случај да се случи најлошото сценарио за животните и локалната рибарска индустрија. Но, не е сè толку црно, објаснува Тарлинг.
„А68а“ би донел големи количества прашина за да ја збогати водата со планктони, а тие се наоѓаат на дното на синџирот на исхрана за животните од Антарктикот. Иако сателитските снимки покажуваат дека „А68а“ е на пат да се судри директно со Јужна Џорџија, сепак постои можност да не се судрат.
– Сè е можно. Струите треба да го однесат ледениот брег на југот на Јужна Џорџија, пред да се свртат и да се вратат назад кон северозапад. Но, многу е тешко да се предвиди што ќе се случува – изјави експертот за мапирање Питер Фретвел.
Неговиот колега Ендру Флеминг истакнува дека британски истражувачи се обратиле до Европската вселенска агенција и побарале да им испратат сателитски снимки.