Откако спушти робот на Марс и испрати сонди во прелети покрај други планети, НАСА е подготвена да лансира вселенско летало до Сонцето.
Соларната сонда „Паркер“ ќе биде лансирана во сабота од космодромот Кејп Канаверал. Тоа ќе биде почеток на мисијата со цел решавање на загатките кои ги збунуваат астрофизичарите цели 60 години.
Паркер ќе биде прво летало што ќе ја достигне атмосферата на Сончевата корона. До површината на Сонцето ќе се доближи на 6,1 милиони километри, седум пати поблиску од што се приближило било кое летало.
Паркер најпрво ќе тргне кон Венера и ќе ја искористи нејзината гравитација за да се приближи до Сонцето.
Орбитирањето околу Венера сондата ќе ја насочи на пат по кој кон Сонцето ќе почне да се приближува во ноември. Во следните седум години Паркер би требало 24 пати да ја обиколи Венера и постепено да се приближува до Сонцето.
За време на мисијата леталото ќе спроведува научни истражувања во опасното подрачје на интензивна жештина и соларна радијација, објави НАСА. Дури и на растојание од 6,1 милиони километри, сондата ќе биде доволно близу за испитување на забрзувањето на соларниот ветер од подзвучна во надзвучна брзина.
Паркер, летало тешко 700 килограми, ќе се движи со брзина од 200 километри во секунда.
НАСА се надева дека Паркер ќе и помогне да стекне знаења за функционирањето на ѕвездите и да собере податоци со кои ќе се унапреди временската прогноза на Земјата. Исто така, се надева дека ќе открие многу од тајните на Сонцето, како онаа за тоа зошто короната е потопла од самата површина на Сонцето.
Примарна научна цел на мисијата е следење како енергијата и топлината се движат низ короната и истражување што го забрзува соларниот ветер и соларните енергетски честици. Научниците одговорите на овие прашања ги бараат 60 години, но не можеа подетално да истражат сė додека не беше развиена технологија која би му овозможила термална заштита на леталото.
Паркер ќе има 12 сантиметри дебел топлински штит, направен од јаглерод, кој би можел да поднесе температура повисока од 1.300 Целзиусови степени и интензивната радијација.
Ова е прво летало на НАСА наречено по жив научник, астрофизичарот Еуген Паркер, кој животот го посвети на проучувањето на Сонцето.
– Соларната сонда оди во досега неистражено подрачје на вселената – рече Паркер во мај. – Многу е возбудливо што конечно ќе можеме Сонцето да го погледаме од блиску. Сигурен сум дека ќе има изненадувања. Секогаш ги има – рече Паркер.
И Европската вселенска агенција планира во октомври да лансира сонда до Сонцето. Иако овие два проекта се развивани независно, , се очекува нивна блиска соработка во иднина.