Хеликоптерот „Инџенуити“ (во превод генијалност) за првпат успешно полета на Марс, што го прави првиот напојуван и контролиран лет со летало на друга планета, пренесува „Би-би-си“.
Леталото на НАСА леташе нешто помалку од минута на висина од три метри, ротираше за 96 степени, лебдеше во место и потоа се спушти. Сѐ на сѐ, летот траеше 40 секунди, од полетувањето до слетувањето. Американската вселенска агенција вети остварување на други летови во претстојните денови.
Хеликоптерот беше пренесен на Марс прикачен на долниот дел на роверот „Персеверанс“, кој слета во кратерот Језеро на Црвената планета во февруари. Хеликоптерот ќе добие задача да лета подалеку и повисоко, со цел инженерите да ги тестираат границите на неговите способности.
– Можеме да потврдиме дека луѓето успешно управуваа летало на друга планета. Толку долго зборувавме за нашиот „момент на браќата Рајт“ на Марс, и тој момент конечно пристигна – вели Мими Аунг, инженерка од лабораторијата за реактивен погон на НАСА (ЈПЛ) во близина на Лос Анџелес.
Вилбур и Орвил Рајт во 1903 година го спроведоа првиот управуван, контролиран лет на авион на Земјата. „Инџенуити“ исто така на себе носи дел од ткаенината од „Флаер 1“, авионот што го направи историскиот лет во Северна Каролина пред повеќе од 117 години.
Во таа чест, НАСА објави дека областа во кратерот Језеро, каде што хеликоптерот го демонстрираше првиот лет, отсега ќе биде познат како „Поле на браќата Рајт“.