Првиот антибактериски телефон во светот што го запира ширењето на микробите е направен од компанијата „Булит“ со седиште во Рединг, Велика Британија. Телефонот го доби името „кет С42“, а како што тврдат производителите, тој е направен да биде „силен, издржлив и употреблив на повеќе фронтови“.
Во моментов може да се купи за 229 фунти, но моделите опремени со дополнителна антимикробна технологија „биомастер“ нема да бидат достапни до почетокот на 2021 година. Компанијата се надева дека следната година оваа технологија ќе ја применат и на другите модели на телефони, вклучувајќи ги и основните модели. Телефонот, кој ќе има антибактериски систем, ќе се „бори“ против ширењето на бактериите благодарение на сребрените јони вградени во материјалите од кои е направен.
Од „Булит“ велат дека нивниот нов телефон може да ја намали концентрацијата на бактерии за 80 проценти во рок од 15 минути и за 99,9 проценти во рок од 24 часа. Уредот е целосно водоотпорен и треба редовно да се мие со вода и сапун, средства за дезинфекција, па дури и белило за да се одржува чист.
– Ова е од витално значење за оние наши клиенти што работат во здравствената или социјалната грижа и за оние што посетуваат повеќе локации за нивниот бизнис – вели Питер Канингам, потпретседател на компанијата.