Глумицата и пејачка Џенифер Лопез добива негативни коментари поради филмот „Измамничките од Вол Стрит“. Имено, продукциските куќи „Ниорикен продакшн“ и „СТКС ентертејмент“ се соочуваат со тужба од 40 милиони долари, што против нив ја поднесе Саманта Барбаш, според чиј живот е снимен еден од најпопуларните филмови во 2019 година. Во документацијата доставена со судот пишува дека продукцијата, пред почетокот на снимањето, контактирала со Саманта и барала согласност за снимање на филмот, како и потпис дека се откажува од сите права. Таа ја одбила понудата.
Филмот е снимен според написот во „Њујорк тајмс“ со наслов „Измамничките од Скорс“, кој детално ги опишува настаните од животот на Саманта, со акцент на нејзиниот ангажман како стриптизета во познатиот „Скорс џентлменс клуб“ во Њујорк. Барбаш тврди дека продукциската куќа на пејачката го искористила нејзиниот лик без дозвола, како и дека ја наклеветила во својата изведба. Таа смета дека тврдењето оти таа произведувала илегални супстанции во својот дом, во кој живеела со детето, е крајно навредлив и невистинит.
Во документацијата, исто така, стои дека има доволно докази ликот што го толкува Џенифер Лопез да се поврзе со ликот на Саманта Барбаш, како и дека обвинетата креирала сцени и дијалози што се крајно неодговорни и лажни. Поради сето тоа, Саманта бара да ѝ се исплатат 40 милиони долари, како и да ѝ се предадат сите копии од популарниот филм.
Џенифер Лопез за својата улога во овој филм беше номинирана за „златен глобус“ за најдобра споредна филмска улога.