Карантинот, кој директно влијаеше на драстичното намалување на патниот и воздушниот сообраќај, како и на деловните активности низ цела Европа, што резултира со големо намалување на загадувањето во поголемите градови, е краткорочен ефект. Експертите предупредуваат дека сегашната состојба не е решението.
– Справувањето со проблемите со квалитетот на воздухот на долг рок бара амбициозни политики и инвестиции. Тековната криза и нејзините многубројни влијанија врз нашето општество работат против она што се обидуваме да го постигнеме, а тоа е добро контролирана транзиција кон одржливо општество – вели Ханс Брејнинкс, извршен директор на Европската агенција за животна средина.
Сепак, влијанието на ограничувањата за време на пандемијата врз квалитетот на воздухот е зачудувачко, а во некои делови на Европа нивото на загадување е двојно пониско. Набљудувањата на сателитот на Европската вселенска агенција покажуваат јасно намалување на загадувањето.
На пример, концентрацијата на азотниот диоксид во италијанската провинција Бергамо, целосно парализирана од пандемијата, беше за 47 проценти пониска минатата недела во однос на истиот период лани. Во Рим е забележано намалување од 26 до 35 проценти. Слични ефекти се присутни и во САД, особено во државата Вашингтон, околу Сиетл, и во поголем дел од Калифорнија. Квалитетот на воздухот се зголемил за 21,5 процент во Кина во февруари. Научниците тврдат дека радикалното намалување на загадувањето на воздухот може да спаси животи. Подобриот квалитет на воздухот во Кина би можел да спаси меѓу 50.000 и 75.000 животи од предвремена смрт.