Викендов, од 12 до 14 јули, во Дојран ќе се одржува „Д фестивал“ со тридневна богата програма и фестивалски камп. Настапуваат над 50 музички ѕвезди на шест музички бини и над 100 уметници и креативци, кои ќе учествуваат во големиот број активности, перформанси и работилници што ќе се одвиваат низ повеќе од 20 различни зони. Ова е програмата за деветтото по ред и, досега, најголемо издание на фестивалот.
За официјалното отворање в петок се задолжени извонредните музички ѕвезди што ќе настапат на главната бина, а во таа листа се запишуваат: врвниот уметник на македонската електронска музичка сцена Кирил Џајковски, со настап во живо и придружуван од вокалистот Лион Д, и омилената на македонската публика ТК Вондер. Од светската сцена, премиерно пред македонската публика доаѓаат „Офенбах“, париското хит-дуо што ги покори топ-листите во светот, потоа најпочитуваното име на македонскиот андерграунд-хипхоп Страјк, како и најактуелниот хрватски музичар и автор на најслушаните хипхоп-песни во целиот регион, Војко В. Истиот ден, на втората по големина фестивалска бина, ќе настапат бендовите што важат за гордост на македонската алтернативна сцена: „Риб“, „Дисис“ и „Фикшн“, но и уникатниот номадски бенд со бунтовен стил и див ритам „Сиди вахо“. Посилна од кога било досега е и програмата на омилената локација на фестивалските посетители за пречек на изгрејсонце покрај прекрасното дојранско крајбрежје, а која во петокот вечер ја предводи еден од најдобрите прогресив транс-диџеи и продуценти на светската сцена Кептан Хук, придружуван од македонските претставници на транс-жанрот „Триангулим“, „Форма“ и „Џантрикс“ – најавуваат организаторите.
Публиката ќе ужива во настапот на виртуозот на рајските инструменти канун и саз и композитор на музика зa култни театарски претстави Џенгиз Ибрахим. Новитет оваа година се уште две музички бини, едната резервирана за новите имиња на домашната музичка сцена, на која в петок ќе настапат „Дактили, „Мизантроп“ и „С.А.М.“, а каде што како резидент-диџеј секоја вечер, чест да ја затвори програмата на оваа бина ќе има диџеј Чарли.
И во наредните денови на „Д фестивал“ ќе настапуваат музички ѕвезди: „Ноисиа“, Махмут Орхан, „Дисциплина кичме“, „Фолтин“, „Порто морто“, „Паркети“, Том Нови, Влатко Стефановски и др. Програмата е збогатена и со „Фемили деј“, не само за децата туку за сите што сè уште знаат да се радуваат како деца, голем број работилници, изложби, дебати и перформанси, базар на уметнички дела и ракотворби, наградни игри.
Сместувачките капацитети во Дојран се речиси целосно исполнети, а и за фестивалскиот камп се одбројуваат последните преостанати билети.