Најзначајни наоди на ниво на Европа се: еден од секои пет вида птици во Европа е загрозен или речиси загрозен од исчезнување. Еден од секои три вида птици во Европа има намалена бројност. Морските, шумските, крајбрежните и грабливите птици се најзагрозени и нивните популации најбрзо опаѓаат во Европа
„Брдлајф интернешнел“ ја објави Европската црвена листа на птици за 2021 година. Црвената листа го анализира ризикот од исчезнување на 544 вида птици во повеќе од 50 земји од Европа. Оваа листа ги следи категориите и критериумите на црвените листи на Меѓународната унија за зачувување на природата и сите птици имаат пресметан ризик од исчезнување помеѓу „најмалку засегната“ до „исчезната“.
Птиците се едни од најчувствителните животни
Македонија учествуваше во изработувањето на оваа листа преку експертскиот ангажман на Македонското еколошко друштво (МЕД). Теренските истражувања беа направени од домашни и странски орнитолози, како и волонтери на МЕД. Објавата на оваа листа е темпирана да се совпадне со неделата во која Конвенцијата на биолошка разновидност на ОН го дискутира новиот план за соочување со кризата на дивите животни во светот.
– Птиците се едни од најчувствителните животни и затоа се идеални индикатори за разбирање на промените во животната средина. Кога се загрозени птиците, тоа значи дека и ние сме загрозени. Главните наоди од истражувањето за Македонија се намалувањето на популациите на полската врана, црновратиот нуркач и потполошката и стабилизирање на популацијата на рибарчето – информираат од МЕД.
Најзначајни наоди на ниво на Европа се: еден од секои пет вида птици во Европа е загрозен или речиси загрозен од исчезнување. Еден од секои три вида птици во Европа има намалена бројност. Морските, шумските, крајбрежните и грабливите птици се најзагрозени и нивните популации најбрзо опаѓаат во Европа. Најзагрозени хабитати се обработливите и морските површини, како и мочуриштата и ливадите. Точно 71 вид птици (13 проценти) се загрозени во Европа.
Неуспешно управуваме со земјата и со водата
Пет вида птици се регионално исчезнати.
– Наодите од црвената книга ни укажуваат и на тоа дека најголемите закани за птиците во Европа се пренамена и деградација на голем дел од земјиштето, инвазивни земјоделски практики, прекумерно искористување на морските ресурси, загадување на копнените води, неодржливи шумарски практики, неодржливо развивање на инфраструктурата – соопштуваат од МЕД.
Иако наодите на новата европска црвена листа се загрижувачки, има и добри вести, кои покажуваат дека соодветно насочени активности за зачувување на птиците може да ги вратат популациите на одредени птици, но и дека добро развиени интервентни земјоделски практики може да спречат исчезнување на птици од обработливите површини.
– Резултатите од овие истражувања покажуваат дека неуспешно управуваме со нашата земја и вода. Европа треба да го води светот кон зачувување и обновување на природата, но за да се случи тоа, ние мора да ја трансформираме нашата економија. Оваа трансформација мора да почне веднаш, во Декадата на еколошката обнова, како што ја нарекоа Обединетите нации – изјави Мартин Харпер, регионален директор на „Брдлајф“ за Европа.