Во минералите што беа откриени околу кратерот Езеро се зачувани мали фосили
Во еден убав сончев ден летово, пред насобраната толпа во вселенскиот центар „Кенеди“, ќе биде лансирана ракета, која ќе ја носи надежта на НАСА да пронајде живот на Марс. По седум месеци, роверот со големина на автомобил ќе слета во близината на кратерот Езеро што, всушност, е исушено езеро во северната хемисфера на Марс. Со помош на шесте тркала и вградените високотехнолошки инструменти, возилото ќе ги испитува околните карпи за да најде докази дека на Црвената Планета некогаш живееле непознати микроби.
По долгогодишно испитување на Марс со орбитални сонди, лендерите и роверите открија дека планетата некогаш имала густа атмосфера и вода на површината. Истражувачите дури и открија траги од сложени органски молекули, кои, можеби, претставуваат составни елементи на живите клетки.
Сега две нови студии дадоа неверојатно привлечна теорија дека новиот ровер би можел да открие уште поцврсти докази за живот на Марс, па дури и дека истиот тој некогаш постоел. Карпите околу Езеро покажуваат постоење карбонати и хидриран силициум, односно молекули што на Земјата помагаат да се зачуваат микроскопските фосили милијарди години.
Дека постојат силни докази потврди и Бриони Хорган, планетарна научничка од универзитетот „Пурдју“ и водечка авторка на истражувањето во журналот „Икар“ за детектирање на карбонат. Таа вели дека „кратерот Езеро содржи неверојатно голем минерален диверзитет што води до многу биолошки докази и постојат многу шанси да дознаеме што се случувало со животот на таа планета“.
Но што треба да најде роверот за научниците да потврдат дека некогаш постоеле Марсовци? Двете истражувања што беа објавени се потпираат на компактниот спектрометар за испитување слики (КРИСМ), кој претставува орбитална камера за скенирање на површината на Марс со помош на инфрацрвена и видлива светлина. На висина од нешто повеќе од 400 километри, КРИСМ може да создаде разнобојни мапи на минерали на Црвената Планета.
Карбонатите, кои се формираат кога јаглерод диоксидот реагира со карпите и водата, беа откриени во целиот кратер Езеро. Но КРИСМ покажа особено високи концентрации на минералите по целиот внатрешен раб на кратерот, токму каде што пред над три милијарди години се наоѓало крајбрежјето на езерото.
За Хорган тоа покажува дека тие се остатоци од брановите што удирале во карпите. Таа ги спореди остатоците од пената што се задржува во кадата по капењето (поради тоа, научниците почнаа да го нарекуваат регионот прстен во кадата).
Хорган вели дека „е неверојатно како карбонатот заробува сè што се наоѓа околу него, дури и ги имитира структурите на микробите, па, така, се добиваат зачувани текстури, но исто така го заробува и органскиот материјал“.
Ако постоеле микроби на бреговите на Езеро, тогаш постојат добри шанси карбонатот да ги зачувал.
Некои од најстарите фосили на Земјата се зачувани со помош на карбонатот. Научниците открија строматолити, што претставуваат слоевити структури формирани од бактерии обвиени со карбонат, кои потекнуваат од пред 3,7 милијарди години.
Роверот на Марс ќе располага со широк спектар на инструменти со кои ќе се испитуваат овие минерали. Со камерите ќе се прават фотографии на строматолити за да се докаже дека постојат. Ласери и спектрометри ќе го испитуваат составот на карпите на елементарно ниво.