Тревор Тобин ја вложил целата заштеда од 100 илјади долари за да отвори една од првите легализирани продавници на канабис во Канада, минатиот месец, со големи надежи дека историскиот експеримент ќе му донесе заработка, пренесува „Гардијан“.
Но, оптимизмот набргу исчезнал откако продавницата во покраината Њуфандленд и Лабрадор останала со празни полици, а инвестицијата почнала да пропаѓа. Тобин и неговите вработени ги враќале муштериите поради недостигот на залиха, а биле приморани и да ја затворат продавницата.
– По стоте извинувања кон муштериите дневно, ни здодеа да се извинуваме – кажа Тобин, кој додава дека очекувал пречки, но не од ваков размер.
Продавачите се мачат за да ја исполнат неочекувано високата побарувачка, па така залихите на марихуана се потрошени во поголемиот дел од Канада, неколку недели по легализацијата на продажбата на канабис.
Интернет-страницата за нарачки во Онтарио добила 100 илјади барања во првите 24 часа по легализацијата. Но, чекањето на нарачките трае и по две недели. Во Квебек, пак, продавачите работат четири дена неделно поради лимитираните залихи.
Продавачите сметаат дека недостигот на залихи се должи на ексклузивните договори помеѓу владата и лиценцираните снабдувачи, што ја ограничува можноста за пронаѓање на нови извори за снабдување.
Недостигот на канабис би можел да го поттикне црниот пазар, со што се проценува дека државата се соочува со загуба од 800 милиони долари, што е далеку поголема сума од предвидените 300 до 600 милиони долари очекувани од данокот во првата година од легализацијата.
Канада го легализираше поседувањето и рекреативното користење на канабис на 17 октомври.