Македонската Радио Телевизија објавува Конкурс за прием на нови, оригинални, необјавени, современи авторски композиции, од кои по пат на натпревар, ќе биде избран претставникот и композицијата со која Република Северна Македонија ќе се претстави на Изборот за Песна на Евровизија 2022 во Торино, Италија, во организација на Националниот сервис на Италија (РАИ) и Европската радиодифузна унија (ЕБУ).
Се покануваат авторско-изведувачките тимови да ги достават своите финални музички предлози (комплетна аудиоснимка) и со својот креативен труд да учествуваат на конкурсот/натпреварот, за да се избере најдобрата песна-претставничка за Торино 2022.
Од сите пристигнати композиции на конкурсот, МРТ ќе ги избере најдобрите, но не повеќе од шест композиции. Избраните композиции ќе ѝ бидат јавно презентирани на публиката, која по пат на транспарентно гласање ќе учествува во изборот на нашиот претставник за Евросонг 2022. Резултатот од гласањето на публиката ќе обезбеди 50 проценти од вкупните гласови, а преостанатите 50 отсто ќе бидат обезбедени од меѓународно стручно жири.
Право на учество на конкурсот имаат сите изведувачи и автори-државјани на Македонија. Во авторско-изведувачкиот тим, право на учество имаат и автори вон нашата држава, додека изведувачите подлежат на обврската задолжително да се државјани на Македонија.
Предлог-композициите се доставуваат на следната eлектронска адреса: [email protected] или на адреса: Македонска Радио Телевизија, бул.Гоце Делчев бр.18, 1000 Скопје, Македонија, со назнака „ЗА ЕВРОСОНГ 2022“.
Конкурсот за учество е отворен до 16 јануари 2022 година.