Зацески своето оперско пеење го усовршува во Русија, Италија и во Австрија. Освен оперска музика, почнува да пее и поп и традиционални македонски песни
По одличниот прв сингл „Срцето мое тука чука“, кој предизвика огромен интерес кај македонската јавност и доби многу позитивни критики, Никола Зацески, или волшебниот глас како што го нарекуваат, и неговиот тим во овие празнични денови на публиката ѝ го подарија вториот сингл, „Мојот пат“.
– Упатувам огромна благодарност до целиот тим, кој работеше со голема посветеност на овој проект, и до сите што ми беа поддршка во изминатиот период. Особено би ги издвоил сите мои обожаватели, кои по првиот сингл ми возвратија со неверојатна позитивна енергија и љубов. Љубовта за мене е основната инспирација и мотивација и оттаму произлезе и вториот сингл „Мојот пат“. Се надевам дека во овие лоши моменти на пандемија, песната барем за миг ќе го исполни и вашето срце со љубов и позитивна енергија – изјави Никола.
Музиката, аранжманот и продукцијата на песната се на Николче Мицевски, а текстот го напиша Борче Нечовски. Песната е снимена во студиото „ХЛ Момироски“, а видеопродукцијата и режијата се дело на Пеце Здравковски. Придружниот вокал е на Марта Еминовиќ, а во спотот се појавува моделката Јована Јовановска.
Инаку, Никола својот талент и искрена љубов кон музиката, особено кон македонската, ги покажува од најрана возраст. Учи да свири пијано на десет години, кога почнува и да пее. Завршил Средно музичко училиште во Битола, а подоцна и Факултет за музичка уметност.
Уште за време на своите студии Никола учествува на многу интернационални музички натпревари во Русија, Полска, Франција, Шпанија и во Бугарија, освојувајќи 11 награди, а како хорист освоил пет меѓународни признанија. Покрај интернационалните успеси, како дел од Националната опера и балет настапува на Охридскиот, Битолскиот и на Скопскиот фестивал. Своето оперско пеење го усовршува во Русија, Италија и во Австрија. Освен оперска музика, почнува да пее и поп и традиционални македонски песни. Уште кога имал седум години станал игроорец, а подоцна и кореограф и остварил соработка со националниот ансамбл „Танец“. Во 2018 година се сели во Австралија, каде што му се приклучува на танцовиот ансамбл „Тоше“, како главен кореограф.
Бил дел од голем број хуманитарни концерти во Македонија, Австралија и низ целиот свет и станува водечки член на „Игри без граници“, организација посветена на создавање и организирање настани од хуманитарен карактер, за издигање на свеста и обезбедување финансиски средства за децата во Македонија и целиот свет. Лани во февруари во Мелбурн го организира хуманитарниот настан „Насмевка за овој свет – насмевка за едно дете“, во спомен на Тоше Проески.