Првите два дена од дваесеттата сезона на „Моден викенд Скопје“, покажаа на најдобар начин дека оваа модна манифестација на креативен начин веќе десет години на свој начин го диктира ритамот на македонската модна сцена
Со новата зимска колекција „Р.E.M“ (R.Е.М.) на дизајнерката Ирина Тошева, во која таа ги истражува ликовното творештво и надреализмот како појдовна инспирација, во петокот вечерта на 1 ноември, започна 20-то издание на „Моден викенд Скопје“. Колекцијата што ја претстави Ирина Тошева на отворањето, идејно се потпира на секвенци од соништата и потсвесните мисли што, според дизајнерката, резултира со најчиста форма на мода, како „противотров“ на светот околу нас. Креациите се изработени со еколошки материјали од банана и пченка, кои се алтернатива на памукот. Доследна во својот оригинален пристап за презентација на парчињата, таа одлучи модел(к)ите што ја носеа ревијата да личат на дрег-кралици. Ревијата е дел од поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2019 година од Министерството за култура.
Втора на првата вечер на „Моден викенд Скопје“ се претстави Кренаре Ругова, гостинката од Косово, чија модна визија за есен-зима 2019/2020 гардероба што се носи, од природен текстил и со унифицирани геометриски форми, кои придонесуваат за отмена и рафинирана силуета на сите модерни жени. Дава чувство на сила и комфор, независно од животното темпо. Истовремено ги одразува потребите на личноста во актуелното социјално окружување.
Под сјајот на рефлекторите и блицoт на фоторепортерите, блесна и колекцијата на Сигма Џулери, брендот за луксузен накит и префинети модни додатоци. Честа да ја отвори гламурозната ревија ѝ припадна на македонската музичка ѕвезда Викторија Лоба, која е нивно заштитно лице и повеќегодишна соработничка. Презентираниот накит навистина ги импресионираа присутните, како и најновите модели од богатата палета модни додатоци.
Финалето на првата вечер го одбележаа модниот филм и перформансот „+7 часа“ (+7 hours), во реализација на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 од Софија, под водство на кураторката Нели Митева. Во прашање е проект што има цел да ги вкрсти бугарската и јапонската култура низ јазикот на визуелното.
Финалниот резултат се екстравагантни креации, заеднички создадени од девет модни дизајнери од Бугарија, како и четири студенти по моден дизајн од Јапонија. Седум часа всушност е времето што ги „дели“ како разлика овие две земји. Главната улога во истоимениот филм што го придружува перформансот ја толкува актерката Ирмена Чичикова. Го истражува феноменот за современиот урбан живот, пресликан во футуристички варијанти на традиционалните кимона и носии.
Вториот ден од „Моден викенд“, во саботата на 2 ноември, започна со авангарден перформанс на старата железничката станица, од Теодора Митровска, која со стариот воз на Јосип Броз Тито, ги одведе мноштвото домашни и странски посетители на чудесно патување низ времето на стара Југославија.
Македонската дизајнерка со лондонска адреса приреди несекојдневна визуелна презентација на машката колекција „20.18“. Брендот со нејзин потпис е препознатлив по константните обиди да ги инкорпорира елементите од нашата култура, концептот за работничката класа, односно естетиката на униформите.
Инспирацијата за креациите е длабоко лична и интимна, со одредена доза темнина, а цели да создаде андрогени неземски војници на модерната доба. Си поигрува со мажественоста и родовите стереотипи кога е гардеробата во прашање, па истражувајќи нови текстилни техники и неконвенционални материјали, таа настојува да ги урне ваквите бариери.
Програмскиот дел продолжи во Музејот на градот Скопје, со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд „Џар енд Џем“ (Jar & Jam), чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, се наменети за сладокусците со младешки и игрив дух, особено во зимските месеци. Футуристичката визија и иновативноста како нивен заштитен знак, воочлива е и во последната колекција насловена „Темпо енд пејшнс… свит темптејшн“ (Tempo & Patience… Sweet temptation“, која неодоливо го оживува духот на 90-тите години од минатиот век.
Првите чекори на домашната сцена вечерта ги направи Мила Спасовска под етикетата „Јамуна“ (Yamuna), дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас. Ни ја подарува убавината што стои зад внатрешната војна. Го гледаме човекот како си игра со временските непогоди и како чекори низ нив. Го гледаме човекот како е подготвен за секоја непогода, а воопшто не е подготвен за блаженство. Внатрешната наспроти надворешната борба и вечното тежнеење кон сопствена револуција.
Со ревијата за „Ла нуи“ („La nuit“), доминантно на модната писта настапи и Зана Алиу, на која визијата оваа сезона ѝ е да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното. Според дизајнерката, таа е царица на општеството. Толку едноставна и толку комплицирана. Таа е тивка и скромна, но истовремено и арогантна, бурно изразувајќи ги страста, мистеријата, љубовта, сексапилноста. Црната има сѐ и нејзината убавина е апсолутна, а истото тоа го демонстрираше и низ креациите, кои не ја оставија публиката рамнодушна.
Финишот на саботниот ден беше резервиран за нетрпеливо очекуваниот проект „Нитка“, чии учесници ѝ се претставија на јавноста со заеднички перформанс, во рамките на „Моден викенд Скопје“. Станува збор за групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и да се усовршат во ним сосема непозната сфера – плетењето. Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, здружението на жени „Цвет Крушево“ и Светлана Димитријевиќ, шестемина за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает, преведувајќи ги на модерен начин во своите дизајни. Рачно сплетоа оригинални модели, работејќи во тандеми, а конечниот резултат е изненадувачки. Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура, во состав на манифестацијата „Нов културен бран“ во 2019 година.