Со ревиите на „Ерор Колектив“, Сара Реџиќ и Александра Јовановска вчеравечер заврши осумнаесеттото издание на Моден викенд Скопје за сезоната есен-зима 2018/2019 во „Скопје Мериот Хотел“.
„Ерор Колектив“ е заедничка хармонија на индивидуалното. Простор во кој „Атами“, „Ем Елефантски“ и „[0.10] ерор оф хармони“ градат едно.
– „Атами“ го поддржува неконвенционалното, создава за оние кои трагаат по сопствената линија. Потпирајќи се на минимализмот има за цел да креира „јазик“, парчиња кои ќе го разбудат и потенцираат индивидуалистот во секој кој ќе ги облагороди и направи свои, раскажувајќи ја својата лична приказна. „[0.10] ерор оф хармони“ не е бренд. Се стреми да прерасне во движење составено од уметници, архитекти, музичари и скејтери кои преку заеднички проекти би пружиле отпор и би создале свој свет. „Ем елефантски“ е колаж на човечкото искуство. Емоциите создаваат бои, а зборовите форми. Едноставното и сложеното, ахроматското и колоритното, овде не се спротиставен контраст туку хармонија на различности – информираат од „Моден викенд Скопје“.
Сара Реџиќ ја претстави својата колекција „Феникс“.
– Постојат различни верувања за птицата Феникс. Опишан е како златна или шарена птица. Според некои составен е од најубавите делови од сите птици во светот и сметаат дека е најубавата птица што некогаш постоела. За мене е најинтересен фактот што Фениксот е бесмртен и секој пат повторно се раѓа од пепелта. Целта ми беше сите работи кои според мене се многу убави и интересни да ги соберам на едно место, во една целина. Не се базирам на модните трендови, сакам безвременски парчиња кои и денес и после 10 години ќе изгледаат убаво – вели Реџиќ.
Есенското издание на Моден викенд Скопје заврши со ретроспективната ревија на Александра Јовановска и колекцијата „Архетип“ која е сублимат од нејзиното десетгодишно творештво како моден дизајнер. За сценографијата беше задолжена Екатерина Намичева, а избраните песни на македонскиот бенд „Фанк шуи“.
– Инспирациите во модните колекции се произлезени од лични доживувања и искуства, најчесто теми поврзани со идентитетот, традиција и културата, социјални и политички актуелности, историски интереси поврзани со земјата на живеење, еротската уметност, како и емоционални, семејни доживувања, модно преведни во рачно сликани мотиви, везови и детали изработени со рециклирање и реставрирање на текстил – рече Јовановска.