Бојан Митрески, трубач
Прилепчанецот Бојан Митрески уште од мал се интересирал за дувачките инструменти, но трубата му оставила силен впечаток пред сѐ заради тоа што му била поразлична и поспецифична од сите други инструменти. Токму затоа сe одлучил да ја изучува, иако е доста тежок инструмент. Завршил и ФМУ во Скопје и сега настапува на голем број концерти.
– Трубата е еден од потешките инструменти за свирење, но кога почнав професионално да се занимавам со неа, во текот на студирањето, сфатив што значи да си трубач и колку многу труд треба да се вложи. Инструментот бара макотрпна работа, посветеност и по неколку часа секојдневно вежбање. Но не се застанува тука, туку се посетуваат и различни школи и студии за труба. Многу е важно дишењето, техничките и тонски вежби и сѐ друго што е поврзано со трубата. Трубата бара премногу да вложиш, но и враќа. Професорот по труба ми велеше „ако го почитуваш инструментот, и тој ќе те почитува тебе“ – вели Митрески.
Ја избрал трубата за инструмент на кој ќе свири затоа што му била предизвик.
– Сакав да се соочам со проблематиката на инструментот. Успеав во тоа – додава Бојан.
Учествувал на многу мастер-класови кај врвни светски трубачи, а бил дел од повеќе меѓународни натпревари како во земјава така и во странство.
– Сум настапувал на повеќе концерти со повеќе оркестри, како што се симфонискиот оркестар и „Биг бендот“ при ФМУ, оркестарот на МОБ, со повеќе градски оркестри и различни камерни состави на повеќе манифестации и културни настани. Во моментов сум член на прилепскиот дувачки оркестар, битолскиот дувачки оркестар, камерниот состав „Квартет труби“ и др., со кои што настапуваме на различни манифестации каде што изведуваме програма од познати светски автори и од повеќе жанрови, како што се: класична музика, барок, парадна музика, популарна музика, како и преработки на блуз, џез и филмска музика – истакна Митрески.
Во иднина планира да продолжи да концертира и еден ден целото негово знаење што го стекнал да го пренесе на помладите генерации. Ка.М.