Сјаен, триаголен метален столб меѓу камени формации во пустина беше забележан минатата недела од локалните власти во американската сојузна држава Јута. Мистериозниот обелиск пронајден во пустината ја разгоре имагинацијата на НЛО-ентузијастите и теоретичарите на заговори ширум светот, пренесува „Ал Џезира“.
Металниот столб, со висина од 3,6 метри, бил забележан од страна на локални власти додека летале со хеликоптер. Откако слетувале за да истражат за што станува збор, членовите на Одделот за јавна безбедност на Јута пронашле „метален монолит инсталиран во земјата“. Засега нема индикација кој го поставил, ниту со каква цел.
– Нелегално е да се поставуваат структури или уметнички дела без одобрение од одделот за управување со јавно земјиште, без оглед од која планета сте – предупреди агенцијата во соопштението во врска со откритието.
Брет Хачингс, пилотот кој случајно прелета над објектот, претпоставува дека станува збор за дело од некој нов уметник. Сепак, вели тој, монолитот е едно од најчудните нешта што ги сретнал досега.
Некои ја истакнаа сличноста на објектот со авангардните дела на Џон МекКрекен, американски уметник кој еден период, пред неговата смрт во 2011 година, живеел во Ново Мексико. Иако ова не е дело на починатиот уметник, властите се сомневаат дека е дело на уметник кој му оддава почит на МекКрекен.
Веста за откритието на мистериозниот пустински столб за рекордно време се прошири на Интернет, а многумина забележаа сличност на објектот со чудните вонземјански монолити во научно-фантастичниот филм на Стенли Кјубрик, „2001: Вселенска одисеја“.
Властите на Јута одбиваат да ја откријат локацијата на објектот, поради страв дека ќе привлечат НЛО-ентузијасти и теоретичари на заговори. Сепак, на Интернет веќе започна потрагата за лоцирање на објектот со помош на околните карпести формации.
– Конечно некој сфаќа! Ова е копчето за ресетирање на 2020 година кое сите го чекавме – пишува корисник на Твитер во врска со обелискот.
Голем број од објавите на Интернет се во тој контекст, според кој 2020 е ужасна година во која човештвото се справува со ковид-пандемијата, а мистериозниот обелиск е последното нешто што ни треба.
„Ова е копчето што ја ресетира годината. Може ли некој да го притисне што побрзо?“ се пошегува еден корисник на Инстаграм. „Доколку се доближите поблиску, со ситни букви е напишано дека монолитот внатре ја содржи ковид-вакцината“, напиша друг.