„Миленичка“ има 10 номинации за „оскар“
Филмот „Миленичка“ или „Д фејворит“ на специфичниот грчки гениј Јоргос Лантимос, заедно со филмот „Рома“ имаат најмногу номинации на годинашните „оскари“, дури по 10. Дали има шанси овој необичен филм да ги освои „оскарите“? Дали ги заслужи? Ова се само некои од прашањата што ги анализираат критичарите.
Ова е историска, биографска драма. Во главните улоги се Оливија Колман, која ја игра улогата на кралицата Ана, Рејчел Вајс, која ја игра војвотката Сара и Ема Стоун во улога на бароница Абигеил.
Филмот го следи конфликтот меѓу Сара Черчил (Рејчел Вајс) и Абигеил Машум (Ема Стоун) за ментално нестабилната и за владеење неспособна британска кралица Ана Стјуарт (Оливија Колман). Во бизарна конкуренција во која секој од нив се стреми да обезбеди најголема корист за себе, се забележува дека едната „миленичка“ исчезнува, а другата ја гради својата нова репутација, сето тоа е во контекст на стилизирани историски факти.
Јоргос се смета за најнеобичен современ режисер. Со својот специфичен стил и особеност повторно ја освои публиката. Дури „Миленичка“ се испрофилира како најзрел и најдобар негов филм. Овој специфичен филм мора да се напомене дека не е за сечиј вкус. Тезата на „Миленичка“, која ја постави Јоргос, е конкретна, ги следи двете службенички во дворецот на кралицата Ана што се борат за поголема наколнетост од кралицата. Ваква фабулна јаснотија ретко кога се гледа. Има бизарни моменти, но не постојано. Јоргос, пред сѐ, успеал да ги искористи бизарните моменти од минатото во креирањето на ликовите и приказната. Како што е манијакалното врескање на кралицата, или смирувањето преку сексуални односи со своите протагонистки. Јоргос успеал да ги долови овие сцени да изгледаат уверливо и реално, а не бизарно. А кога станува збор за стилот, низ филмот се проткајува црн хумор и ироничен однос кон реалноста и историјата, кој одлично се провлекува низ целата плејада историски моменти.
Од технички контекст филмот е далеку супериорен, исто како и „Рома“. Пастелно придушениот колорит се провлекува низ целиот филм и го доловува историскиот впечаток. За тоа сите заслуги одат кај снимателот Роби Рајан, кој завршил маестрална работа. Исто така костимографката Сенди Пауел заврши одлична работа со редизајнот на костимите. Голем удел во филмот има и шминката што ја истакнува Јоргосовата ексцентричност. Треба да се пофали и сценографијата, која е номинирана за голем број награди. Музиката е главно барокна, и историски автентична. Иако најголем дел од филмот е посветен на Ема Стоун и Рејчел Вајс, сепак апсолутно водечки лик во филмот е кралицата Ана. Оливија Колман одигра импресивна и незаборавна улога. Од една страна изгледа растроена, а од друга страна многу лукава. Истовремено е жртва, но и сплеткарка. И Ема Стоун и Рејчел Вајс, секоја на свој начин, се брилијантни и феноменални. Јоргос успеал еднакво да посвети внимание на трите актерки.
Критичарите сметаат дека Ема одигра прекрасна улога, но интерпретацијата на Вајс е за нијанса подобра.
Тешко е да се утврди која е поентата на „Миленичка“, но поентата е нешто што честопати „недостига“ во филмовите на Јоргос. Тие се приказни за себе. Иако ретко имаат задоволителен крај што предизвикува катарза, тие се многу затворени и претставуваат автономна, значајна целина без поширок контекст. Таква е и „Миленичка“. Раскажува една верзија од животот на кралицата Ана низ параболата на моќта, измамата, зависта, љубовта.
„Миленичка“ не е филм за сечиј вкус. Јоргосовиот специфичен вкус има посебни редовни следбеници, кои ќе уживаат во брилијантната реализација на филмот. Иако ова не е филм каков што обично се претпочита на манифестацијата за „оскарите“, поради големиот број квалитети со кои располага, сепак, би можел да биде фаворит.
Филмот е апсолутна препорака според критичарите, и ретко посебно ремек-дело какво што во современата кинематографија има сѐ помалку.