Бучавата може негативно да влијае на здравјето
Истражувањата покажаа дека изложеноста на бучава може да предизвика голем број здравствени проблеми кај луѓето, како висок крвен притисок и оштетувања на ДНК, а тоа, пак, се поврзува со појавата на канцер.
– Нашите податоци даваат нов увид во ефектите на бучавата врз здравјето, особено на високиот крвен притисок и развојот на рак, кои се два водечки причинители за смрт во светот – вели истражувачот Матијас Олзе од Универзитетот во Мајнц, Германија.
Според стручњаците, секој непријатен звук е бучава. Најзагрозени се младите што излегуваат на бучни места, слушаат музика преку слушалки и играат долго компјутерски игри. Први предупредувачки знаци дека нешто се случува со слухот е зуење во ушите, кога задолжително треба да се посети аудиолог. Тоа мора да се направи навреме, бидејќи долготрајната изложеност на бучава може да предизвика трајно губење на слухот.
Освен избегнување бучни места, заштитата подразбира и носење чепови за уши, а треба да се земаат и витамин Б и магнезиум. Општа препорака за сите е што помалку време да минуваат на бучни места. По можност, треба да се избегнуваат локации за живеење близу аеродром, бидејќи авионите на висина од 200 до 300 метри создаваат бучава од 90 децибели.