Избор на британскиот „Дејли мејл“
Фотографијата „Мајмунчето Лука со банана“, на нашиот колега Горан Анастасовски, се најде во изборот на британскиот весник „Дејли мејл“ на највесели фотографии од животни на последната деценија.
– Овие животни, кои се смеат, се доказ дека изминатата деценија не беше толку лоша. Насмеаниот горила Ричард од зоолошката градина во Прага ја заведува камерата со својот замаглен поглед, а Волдо, африканското пигми, е веројатно најсмешниот еж на Велика Британија… Оваа група мили и пријатни суштества, претставени на фотографии направени во изминатата деценија, вклучува мајмун, зелена зебра, па дури и весела, но отровна кобра – пишува „Дејли мејл“.
Анастасовски е автор на серија фотографии на малечкото мајмунче Лука, кое беше напуштено од својата мајка, па поради тоа, чуварите од Зоолошката градина го зедоа под своја заштита и го опсипуваа со љубов и нега. На Лука му направија и минијатурно креветче и му донесоа еден куп играчки. Лука изгледаше како мало среќно детенце што се храни со млеко од шишенце со цуцла и џвака пенкалце. Една од тие фотографии, Лука како јаде банана, е избрана за најсмешна фотографија од британскиот весник.
– Ги сакам природата и дивите животни, иако најчесто недостигот од диви животни во мојата околина го компензирам фотографирајќи ги животните во Зоолошката градина во близина. Еден ден наидов на симпатична приказна поврзана со еден од жителите на зоолошката – бабунот бебе Лука – раскажува Анастасовски за својата прва средба со Лука.