Излезе книгата „Преспанска разгледница“ од Славе Катин
Во делото „Преспанска разгледница“ Славе Катин пишува за Преспа како за значаен дел на Македонија, за Македонците од поделена Македонија, особено за минатото и сегашноста на етничка Преспа. Затоа тој вели дека да се пишува за Преспа е одговорна задача, но истовремено причинува големо задоволство. Во ова време на светска глобализација, прекрасно е чувството кога ќе се најде на едно место дел од една историска вистина за настаните, личностите, за минатото, сегашноста и иднината на еден убав македонски крај од незаборавот што се вика Преспа.
Затоа, авторот на ова дело Славе Катин како публицист и новинар, кој го крстосал светот и оставил траги за Македонците во дијаспората, со големо задоволство се зафати да пишува за неговата родна Преспа, која ја носи во срцето и е чест посетител на тој убав македонски крај. Ова е 60-то дело на Славе Катин.
Тој е познат кај македонската и кај меѓународната јавност по неговите многубројни публикации, новинарски и научни трудови, кои се посветени главно на животот на Македонците во светот. Исто така, неговата работа се однесува и на низа други аспекти поврзани со македонската дијаспора, како и со културата, литературата, јазикот, историјата, журналистиката и особено религијата.
Во публикацијата „Преспанска разгледница“, Катин пишува дека мајката природа ѝ подарила на Преспа богатство убавини и атрактивности. Во исто време, историјата ѝ оставила непроценливи траги од значајни настани. Затоа преспанци каде и да се, во родниот крај или надвор од него, се радуваат со сето тоа што го има во Преспа, се гордеат и го чуваат ваквото богатство за идните генерации. Она што на Преспа и на нејзината историја ѝ дава посебен белег е нејзиното богатство со културно-историските споменици, уште од времето кога била староримска крстосница и прва престолнина на цар Самуил, а денес е туристичка дестинација.
Книгата посебен дел им посветува на црквите и манастирите градени во времето на свети Климент и свети Наум Охридски (9 и 10 век) и во времето на Самуиловото Царство во 10 и 11 век, кои биле разурнувани од разни антимакедонски завојувачи, многу од нив биле обновувани, но повторно уништувани за време на владеењето на Турската Империја. Но преспанци ги обновиле старите и изградиле нови цркви во сите населени места. Co тоа се потврдува дека во Преспа се создале дела од највисок уметнички дострел во своето време, кои ја збогатуваат не само македонската туку и светската ризница на уметноста и културата. Неговото христијанско население го негувало и го негува култот на пресвета Богородица, на Исус Христос… Тоа се потврдува со фактот што во голем број преспански села се изградени цркви посветени на дева Марија. Меѓу нив, црквите во селата Сливница, Брајчино, Јанковец, Евла, Љубојно, Арвати, Крани, Нивици, Курбиново, Долно Дупени, Бела Црква и други населени места.
Еден од бисерите на македонската убава езерска земја на Балканот е Преспанско Езеро, познато по својот жив свет, крајбрежјето, изворите, природните убавини, геолошките, геоморфолошките, хидролошките, лимнолошките и други научни вредности. Тоа придонесува Преспа да биде позната со своите културни, естетски, воспитно-образовни, здравствени, туристички рекреативни и други стопански значења и вредности за општествена заедница. Преспанско Езеро е карактеристично и единствено по тоа што во него има два острова, Голем и Мал Град. Островот Големиот Град е единствен во Република Македонија. При посетата на овој остров се забележува дека тој е огромна карпа, која, веројатно, се откинала од соседните планини од големи земјотреси. Таквите тектонски промени во минатото направиле големи измени во Преспа и пошироко.
Во книгата како природна реткост е опишан островот Голем Град, кој зафаќа површина од околу два километра квадратни, заштитен е со закон и спаѓа во рамките на националниот парк Галичица. Островот е познат како омилено излетничко место за посетителите на Преспа, како и археолошки локалитет со остатоци од живеалишта, цркви и некрополи.
Општина Ресен има 44 населени места. Долна Преспа, пак, со помал дел од Преспанско Езеро и Мало Езеро, влегува во составот на Грција и на Албанија. Оваа положба, всушност, резултира од поделбата на Македонија по Балканските војни и по Првата светска војна.
Миграциските движења во етничка Македонија си го направија своето. Така, Преспа стана крај во кој почна рано да се оди на печалба. Денес преспанци како печалбари можат да се најдат на работа и на постојан престој во прекуокеанските земји: Америка Канада и Австралија, во Европа (Европската Унија), како и во некои делови на Хрватска, Србија, Бугарија, Турција и други држави низ светот.
Свето Стефановски