Мачорот Лари веќе десет години е на функција во Даунинг стрит во Лондон и под него владеење биле тројца британски премиери. Меѓутоа, не му било сѐ толку лесно на тигресто-белиот мачор додека не го преминал прагот на резиденцијата на премиерот на Велика Британија, точно на 15 февруари 2011 година. Кога имал четири години, Лари го напуштил засолништето каде што дотогаш живеел, а неговата прва мисија била во срцето на британската влада да лови глувци.
Избран поради вродениот инстинкт на предатор, Лари бил именуван во „главен ловец на глувци“, а неговите претходници немале чест да ја добијат оваа титула.
Очекувањата на Владата во однос на овој проблем биле големи, но Лари, сепак, малку ги разочарал. Иако тогашниот премиер Дејвид Камерон го фалел дека првите десет месеци уловил три глувци, неговиот успех не е голем. Меѓутоа, мачорот до денес останал на Даунинг стрит.
Во белешката за него на официјалниот сајт на британската влада се вели дека Лари успеал да ги освои срцата на јавноста, а додека чекаат изјави од официјалните претставници пред резиденцијата, новинарите го галат и му даваат разни грицки. Кога е внатре, мачорот се излежува на веќе стариот мебел и како да заборавил зошто е донесен.
Инаку, по заминувањето на Камерон во 2016 година, откако поднесе оставка по референдумот за излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, тој живееше со Тереза Меј, а сега е со Борис Џонсон.
Лари има и своја книга, а „активен е“ и на Твитер, каде што неговиот профил го следат над 430.000 следбеници. Во една објава тој, или оние што го уредуваат неговиот профил, напиша: „Порано или подоцна политичарите што доаѓаат и си заминуваат од Даунинг стрит треба да сфатат дека јас сум вистинскиот газда овде!“