Од 25 до 27 јуни во Лесковац, Србија, ќе се организира традиционалната 23-та Балканска смотра на млади стрип-автори, една од најреномираните и највлијателни вакви манифестации на Балканот и пошироко. Годинава оваа смотра се одвива во склоп на проектот CAN (Comic alliance Networking) FOR BALKANS – финансиран од страна на програмата КРЕАТИВНА ЕВРОПА – подпрограма за култура на Европската Унија.
Носител на овој неколкугодишен проект е Музеј на историјата во округот Брашов-Романија, а освен училиштето „Никола Митровиќ-Кокан“ од Лесковац ,во истиот се вклучени Стрип центар на Македонија – седиште Велес, Белгискиот стрип центар од Брисел и Државниот историски музеј од Тирана, Албанија.
Како што веќе објавивме порано, вели Томе Трајков, програм координатор во СЦМ, овој проект тежи кон вмрежување на релевантните стрип асоцијации од вклучените земји како и афирмирање на социјалната примена на стрипот (во овој случај националната историја).
На смотрата во Лесковац освен персоналот на Стрип центарот од Велес ќе присуствуваат и македонските стрип автори: реномираниот мајстор Ласко Џуровски , брачниот пар Емилија и Стојче Тоциновски од Студиото за цртање ФАНТАСТ од Скопје. , како и младата надеж Томи Џуровски. Сите тие ќе присуствуваат на бројни презентации, дебати, изложби, а неизоставно е и прогласувањето на најдобрите по традиционалниот објавен конкурс. Балканската стрип-смотра има големо значење за македонскиот стрип бидејќи ова е традиционално место за широки мегународни контакти. Од Лесковац секојпат има доста пријавени на традиционалниот стрип конкурс дел од стрип-салонот во Велес, и обратно, македонските стрип автори со задоволство учествуваат на конкурсот во Лесковац. Впрочем, само СЦМ Велес за оваа година мобилизираше 42, претежно млади, автори од повеќе градови на нашата држава. Во овој момент, во исчекување сме на резултатите, завршува Трајков.