Лондончани најмалку се смеат на теми за политика. Кога ќе влезат во стендап-клуб сѐ што сакаат е да се опуштат и да уживаат.
Владислав Илиќ е млад човек по потекло од Куманово. Тој пред извесно време се пресели во Лондон и си ја проба среќата во полето на стендап-комедијата. И среќата му се насмевна. Досега има освои повеќе важни награди – „Кинг оф д гонг“ во светски познатиот клуб „Комеди стор“, трипати е победник на натпреварот „Уан ту вач“ во најстариот клуб во Лондон „Ап ту крик“, победник е на натпреварот „Гет ап – стенд ап“, кој е еден од најтешките натпревари со повеќе од 700 учесници, а минатиот месец ја освои и наградата „Макс Турнер прајз“.
Илиќ може да се види и во аматерски и во професионални клубови, чии настапи се разликуваат, меѓутоа целта е иста – мора да ја насмее публиката.
– Во Лондон постојат преку триста аматерски клубови, и не сите се на иста фреквенција. Некогаш публиката варира во своите реакции, зависно во кој дел од Лондон си или кога се случува настапот. Ако имаш настап во единаесет часот навечер, нема потреба да настапуваш со материјал што бара многу внимание. Сите и онака се веќе пијани, па зборуваш за нешто лесно. Она што го гледам е дека најслаба реакција дава публиката кога комичарите зборуваат за политика, како, на пример, периодов за брегзит. Еден од најдобрите настапи се случи во „Ковент гарден комеди клуб“, во популарниот дел на Лондон – Вест Енд. Бев поканет на аудиција за голем промотер, ми дадоа пробни десет минути во петок навечер и од тој настап ми зависеше работата со овој промотер за наредната година. Кога пристигнав, шоуто веќе беше почнато и слушнав дека картите се распродадени. Капацитетот беше 260 гости, а наполнети беа и резервните седишта, значи бројката на посетители беше околу тристотина. Бев малку нервозен и кога се појавив на сцена, само што се претставив, некој скрши чаша во првиот ред. Испадна дека се млад брачен пар, дечкото од Македонија, а жена му од Грција. Па мислам дека ги искористив сите десет минути да им објаснам на останатите во публиката колку би било збунето детето во овој брак. Секако, тие беа доста опуштени за таков разговор. Штета што понекогаш кај нас замрзнуваме кога се отвораат некои такви теми и не можеме да се смееме на вистината. Најлошиот настап, пак, ми беше во еден од аматерските клубови во северен Лондон. Настапот беше во некој подрум, во доста опасно соседство. Само ги паметам лицата на публиката, не беа ни тажни ни среќни, туку целосно индиферентни. Како да немаа пулс, без разлика што и да кажам. Завршив со настапот и гитла да ме нема. Сигурно сѐ уште таму – раскажува Илиќ.
За еден настап да биде успешен потребен е труд и денови подготовка. Илиќ секојденвно прави вежби за пишување, гледа филмови и чита книги за, како што вели, да си го прошири светогледот.
– Стендап-комичарите се едни од најсвесните луѓе, а многумина од нив се филозофи и размислувачи. Исто така се и најслабо платени, така што лесно се навикнав оти си е исто како дома – се шегува комичарот.
Пред Лондон, Илиќ се градел како стендап-комичар во Малта, каде што и живеел извесен период.
– Првиот настап се случи во Малта во еден скромен паб со мала сцена во ќошот до барот. Имав спремено текст, но кога излегов на сцена, се заборавив, ниту пак можев да ја видам публиката од силните светла што ме заслепуваа. Започнав да импровизирам и по минута или две паметам само дека слушнав громогласна смеа. Тогаш се опуштив, меморијата ми се врати и настапот продолжи како што испланирав. Чувството беше неверојатно. Самиот адреналин, возбуденоста и победничкото чувство кога знаеш дека си успеал да им ја разубавиш вечерта на група непознати луѓе е бесценето. Всушност, не е бесценето, си платија две евра влез – вели Илиќ.
Пред да ја освои првата награда тој работел и настапувал и по четири пати неделно. Вели дека не се ограничува во она што го зборува и дека она што е најважно е нему да му близу до срцето, инаку нема да допре ни до публиката.
– Стендап-сцената во Лондон е огромна. Кога пристигнав, бев како и сите останатите што пристигнале пред мене. Мислев дека имам некои големи, оригинални идеи кои всушност биле испробани десетина години пред јас и да ги измислам. Мислев дека ќе ја освојам сцената набрзина, но бргу сфатив дека ќе мора да започнам од нула – раскажува Илиќ.
Илиќ смета дека не постои хумор на нации и дека хуморот е универзален.
– Кога првпат започнав со стендап, имаше одреден број на луѓе, во Малта и во Македонија, кои ми коментираа дека нема да успеам да ги насмеам Англичаните, дека нивниот хумор е специфичен. Јас тоа го видов како предизвик и верувам дека им го докажав спротивното. Балканот не ми е главната тема, но е дел од мојата потреба да објаснам од кај сум и зошто сум овде. Тоа е меѓу првите три прашања што ми ги поставуваат овде и тоа мора да го објаснам пред да продолжам на други теми. Хуморот е хумор и за мене секогаш ќе биде универзален. Не постои нешто како британски, германски или балкански хумор. Кога луѓето велат дека не го разбираат тој хумор, всушност велат дека не ја разбираат културата или контекстот зад хуморот – вели тој.
Нему не му е драго што оваа сцена во Македонија речиси и не постои.
– Во Македонија не верувам дека имаме нешто како стендап или збир од места каде комичарите одат и работат на својот материјал пред мала публика. Овде тоа е дел од културата и Британците често одат на шоу. Ги ценат луѓето што ја красат сцената и знаат дека еден ден можеби еден од нив ќе заврши пред нивните мали екрани. Блиските ме прашуваат како е таму, како е во Англија? Исто како и дома, само место Цеца во автобус се слуша Витни Хјустон. Тоа е турбофолк на Западот – вели Илиќ.
Комичарот во моментов чека одговор за учество во најголемиот натпревар во земјата „Британски комичар на годината“, чија награда изнесува 10.000 фунти. Има склучено договор со една талент-агенција со која работи на телевизиски проект. Секој четврток настапува во најпрестижниот клуб во Лондон во Вест Енд, а во јули планира да направи и балканска турнеја.