Научниците тврдат дека луѓето што доцнат се посреќни, на штета на оние што ги чекаат, а оваа мана е показател за нивниот позитивен став кон животот.
Иако е социјално неприфатлива навика, се чини дека доцнењето има и свои добри страни. Студијата спроведена на универзитетот „Харвард“ покажала дека луѓето што доцнат се посреќни и имаат подобро здравје отколку оние што пристигнуваат навреме. Причината лежи во фактот дека луѓето што доцнат се претежно оптимисти – дури и кога е невозможно да се стигне некаде, тие сепак сметаат дека тоа е изводливо.
Во другите сегменти од животот, овој начин на гледање на светот е пожелен и честопати им помага на луѓето да поместуваат граници и да ги остварат своите соништа. Оптимистите се опуштени, нивните животи се покреативни, а со тоа и поисполнети. Оптимизмот, исто така, има добар ефект врз телото – го намалува нивото на кортизол, кој има штетно влијание врз срцето, крвниот притисок, крвните садови и хормоните.
Но, како што рекол Аристотел одамна, човекот е социјално битие. Имаме влијание едни на други, сакале или не. Затоа, ако сте оној што доцни, не размислувајте само за вашето здравје, туку и за здравјето на оние што ве чекаат на договореното место – за нив оптимистите се извор на фрустрација и стрес.