Фото: Стефан Рајхл

Повеќеилјадната публика што ја исполни  арената „Борис Трајковски“ во Скопје, вчеравечер уживаше во вистински спектакл што го приредија Стјепан Хаусер и Лука Шулиќ со своите виолончела со кои во изминатите пет години имаат одлични концертни настапи низ целиот свет. 

И овој концерт, роденденски подарок од продукцијата „Авалон“, не потсети дека сме дел од глобалните случувања, но и барем тие два часа не зашти од лошите вибрации на политичката клима во земјата, која,сакале или не влијае на сите нас.
Иако со час задоцнуавње, заради технички прични, како што соопштија организаторите, Лука и Стјепан, како вистински големи музички ѕвезди приредија шоу што ќе се памети, што ги разоружа и најпробирливите скопјани. 
 

 
И додека првиот дел на концертот беше резервиран за романтични души, со изведба на  теми од познати филмови („Огнени кочии“, „Дождовниот човек“, „Појадок кај Тифаи“, „Титаник“, „Игра на тронови“, „Гладијатор“, „Пиратите до Карибите..“, што им ги посветија на сите Македонки, вториот дел беше многу пожежок.
 
Придружувани од македонски музичари, заедно со тапанарот Душан Крањц, почнаа да грмат обработки од  хитовите што ги прославија. Мајкл Џексон, „Нирвана“, „Ролингстоунси“, испреплетени со духовити коментари….Кога одекнаа „Грмотевиците“(Thunderstruck) на „Еј-си-Ди-си“ се гореше на сцената, а Стјепан понесен од атмосферата, дури свиреше легнат на сцената. Се разбира расположената публика, со врисоци и ракоплескање бурно ги награди виртуозите.
 
Фото: Стефан Рајхл
 

Инаку, ова е трето доаѓање на Стјепан и Лука во Македонија. Првпат настапија на „Охридско лето“ во 2011 година, а пред три години одржаа концерт во „Метрополис“ арена. Се надеваме дека имаа време да ја пробаат вкусната македонска храна, како што побараа во скромната „рајдер“ листа пред настапот.

Нивниот светски поход на музичките сцени почна пред 5 години кога снимија спот за „Smooth Criminal” на Мајкл Џексон, кој со брзина на светлината имаше 5 милиони посети на Јутјуб. Истата година потпишаа договор со „Сони Мастерворкс“,а наскоро го објавија и првиот албум. Потоа станаа и предгрупа на Елтон Џон и почнаа да го живеат својот сон. Нивни последен албум е „Score“, снимен во Велика Британија со Лондоснкиот симфониски оркестар.

Секогаш свежи и поинакви, а сепак препознатливи Стјепан и Лука мудро грабат напред. Дека се на вистинскиот пат доказ се над десет милиони посетители на нивните концерти низ целиот свет, меѓу кои е и задоволната македонска публика.

М.Т.