Глобалното затоплување доведува до зголемен број невремиња и грмежи – тие се појавуваат и онаму каде што порано никогаш ги немало. Ова е лоша вест за природата, затоа што ударите од громови се причина за половина од шумските пожари.
Во август минатата година, подрачјето на Северниот Пол беше погодено од големо невреме, за време на кое громови удриле дури 48 пати. Националната метеоролошка служба на САД тогаш соопшти дека станува збор за најсеверното невреме со грмежи во модерната историја и дека толку многу громови се нереален настан. Овие атмосферски феномени се карактеристични за потоплите региони, каде што сонцето силно ја загрева површината на земјата и крева влажен воздух. Триењето на честички во воздухот создава електрицитет. На крајниот север на Земјината топка, по правило, е невозможно да се создадат честички, а таму механизмот на формирање на громовите бил различен.
Експертите тврдат дека тоа е последица на глобалното затоплување. Неверојатно топлото време, кое беше на Арктикот во 2019 година, и чадот, кој се шири низ целата планета поради големиот број пожари, довеле до создавање невреме и грмежи на Северниот Пол.
Научниците од универзитетот „Беркли“ во Калифорнија ја испитувале дебелината на облаците во 2014 година и заклучиле дека значително се зголемил бројот на електрични празнења. Во некои делови на планетата, на пример над континенталниот дел на Америка, имало дури и 50 проценти поголем број празнења. Тие заклучиле дека зголемувањето на температурата на воздухот за еден Целзиусов степен го зголемува бројот на громови за 12 проценти. Колку е потопла атмосферата, толку има повеќе влага. А колку е повлажен воздухот, толку е поголема веројатноста за појава на грмежи.
Врз основа на податоците добиени со помош на климатските сателити на НАСА и Министерството за одбрана на САД, во периодот од 1979 до 2013 година, тие дошле до заклучок дека количеството на топлина и преобразбата на еден вид енергија во друг е побрзо и дека невремињата, ураганите, циклоните и антициклоните се случуваат побрзо.