Консултантската фирма „Ресонанс консултанси“ секоја година ја објавува листата на најдобри градови „Ворлдс бест ситис репорт“. Во извештајот рангира сто светски града со повеќе од милион жители. Нивниот редослед зависи дури од 25 фактори, поделени во шест основни категории. Категориите вклучуваат квалитет на урбаната средина, односно клима, безбедност, знаменитости и слично, потоа се вбројуваат квалитетот на градските институции, атракциите и инфраструктурата. Исто така се проценува културната, забавната и гастрономската сцена, како и можноста за вработување и бројот на големи глобални компании во градот. Петтата категорија се однесува на стапката на имиграција и мултикултурализам, додека последната категорија ја проценува генералната слика од медиумските објави и оцените и препораките на социјалните мрежи.
Првпат оваа година градовите исто така се рангирани според некои нови критериуми, како што се стапката на невработеност, стапката на инфекција од ковид-19 и разликите во приходите.
Актуелната здравствена и економска криза влијаеше и ќе влијае на изгледот и развојот на најголемите светски градови уште многу години и затоа тие сега се наоѓаат во средина на трансформација што не е видена од втората индустриска револуција, се наведува во извештајот. Лондон, Њујорк и Париз се градовите што се наоѓаат на самиот врв на најдобрите во светот за 2021 година.

Лондон
Шеста година по ред Лондон е најдобриот град во светот. Британската престолнина се најде на самиот врв на рангирањето оваа година, иако ја чека тешка 2021 година. Влијанието на брегзит врз просперитетот на градот се шпекулира уште од референдумот во 2016 година и има сѐ повеќе показатели што укажуваат на алармантната разлика меѓу богатите и сиромашните. Но, од друга страна, градските паркови и различните опции на отворено се високорангирани, како и квалитетот на воздухот во градот, што е многу важно во ова специфично време, пишува во извештајот.

Њујорк
Градот што никогаш не спие стивна оваа година, но сепак се наоѓа на високото второ место на најдобрите градови во светот. Њујорк е втор најдобар град во светот за шопинг (Токио е прв), светски центар за култура и културни настани и град во кој се наоѓа седиштето на многу глобални компании. Иако е најпогоден од коронавирусот во Америка и го чека долго закрепнување, во извештајот се наведува дека жителите на Њујорк се подготвени за закрепнување, истакнувајќи дека во која било насока да се менува светот, таа промена сигурно ќе почне во токму во Њујорк.

Париз
Париз претрпе страшни работи во последните години, од неколку терористички напади до пожар во Богородичната црква, кој речиси ја проголта цела. И покрај сè, неверојатни 35,4 милиони луѓе го посетија Париз минатата година. Во многу анализирани категории, Градот на Светлината е на самиот врв. Добро котира кога станува збор за чист воздух (втор по ред во светот), има некои од најдобрите музеи и туристички атракции. Во 2024 година ќе биде домаќин на Летните олимписки игри, така што во градот се градат нови хотели со неверојатна брзина, вклучувајќи го и првиот хотел „Булгари“, кој требаше да биде отворен оваа година.
Градовите што ја заокружуваат топ 10 листата на најдобри во светот се Москва, Токио, Дубаи, Сингапур, Барселона, Лос Анџелес и Мадрид.