Фестивалот ќе го отворат две легендарни светски гитарски појави – еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години, Дејвид Торн, и триото на ултимативниот гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор Фред Фрит
„Скопскиот џез-фестивал“ годинава, со исклучително силна програма и специјален фокус на „ЕСМ рекордс“, ќе ја одбележи 50-годишнината од постоењето на култната германска издавачка куќа. Фестивалот ќе го отворат две легендарни светски гитарски појави – еден од најживописните и најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во последните 40 години, Дејвид Торн, и триото на ултимативниот гитарски херој, неприкосновениот иноватор, композитор и импровизатор Фред Фрит. Фестивалот се отвора на 17 октомври, во 20 часот, во Македонската опера и балет.
Неодоливите мириси на Ориентот и Медитеранот ќе прострујат низ музиката на Ануар Браем, волшебникот на инструментот ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа ECM, кој со својот квартет годинава прославува десетгодишнина од објавувањето на прославениот албум „The Astounding Eyes Of Rita“, како и низ звуците на грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос, кој ќе настапи со својот уникатен квартет, во чии дела се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и голем број облици на импровизација и џез.
Педесетгодишнината на ECM годинава се совпаѓа и со 50-годишнината на еден од најзначајните, највлијателни и најреволуционерни бендови на 20 век „Арт емебле оф Чикаго“, кои, предводени од основачите Роско Мичел и Дон Moје, ќе го одбележат овој јубилеј со славеничка светска турнеја, чиј европски сегмент ќе финишира во Скопје. Едновремено, норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке ќе ѝ го претстави на публиката на 38. „Скопски џез-фестивал“ својот исклучително интересен и оригинален проект „Batagraf“ во едно специјално ексклузивно издание.
И конечно, последниот фестивалски датум е резервиран за настапот на најпоетичниот пијанист на денешницата, норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и за концертот на квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас-рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка, една од најдоминантните фигури на современата европска музика Жоел Леандре.
Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј-сет на италијанскиот иновативен џез-ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните ЕСМ- вљубеници „Некст ту сајленс“ и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на ECM, „Звуци и тишина: Патувања со Манфред Ечер“, промоција и презентација на книгата „Клауд арејнџерс“ на словенечкиот фотограф Жига Коритник, како и доделување на наградата „златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2019 година.