Земскиот грб на Македонија во Фојничкиот грбовник

Стјепан Антољак, универзитетски професор, историчар, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и раководител на Институтот за национална историја во Скопје, во 1966 година, во рамките на учебникот „Помошни историски науки“, го споменува постоењето на земскиот грб на Македонија, со што првпат јавно се спомена дека лавот е македонскиот земски грб во интелектуалната средина.
Во 1968 година, во списанието „Журнал“, беше објавен текстот „Македонскиот грб од IV век“. Авторот на текстот не е потпишан, но се верува дека станува збор за македонскиот свештеник и историчар Славко Димовски.
Во „Журнал“ беше опишан златниот лав на Македонија, кој како земски симбол е претставен во т.н. Фојнички грбовник. Со овој текст, македонската јавност првпат се запозна со земскиот грб на Македонија, а во следните години беа објавени неколку научни истражувања за ова прашање. Конкретно во Фојничкиот грбовник, земскиот грб на Македонија е претставен на црвено поле, златен крунисан лав, германски штит што е окрунет со скапоцени камења и има пет краци.
Но златниот лав, како земски симбол на Македонија, се сретнува и во постариот Лондонски грбовник од 1595 година. Земскиот грб на Македонија како лав се сретнува и во грбовникот Корениќ-Неориќ од 16 век. Тука е претставен жолт лав на црвено поле и германски штит. Во Алтхановиот грбовник од почетокот на 17 век, лавот е жолт, со двокрака опашка на црвено поле.

Лавот како земски симбол на Македонија се сретнува и во еден грбовник за кој се верува дека потекнува од 1623 година. Тука е претставен златен окрунет лав со двокрака опашка на црвено поле. Под штитот има лента на која пишува Македонија. Лавот се сретнува и во Оловскиот грбовник од 1689 година, меѓутоа овој грбовник е работен со мастило и без шрафирање, поради што е во боја. Во Берлинскиот грбовник од 17 век, македонскиот земски грб е претставен на германски штит, златен лав на црвено поле.
Во стематографијата на Христофер Жефаровиќ од 1741 година, земскиот грб на Македонија е претставен на шпански штит, црвен лав на златно поле. Со Жефаровиќ завршува вековната традиција со која земскиот грб на Македонија се претставува како златен лав на црвено поле. Жефаровиќ со својата стематографија имаше големо влијание во создавањето на грбовите на балканските држави, особено на грбот на Бугарија, кој е наследник на Жефаровиќевиот бугарски лав. Кај Жефаровиќ бугарскиот лав е златен на црвена основа и се разликува од претходните грбовници, каде што е црвен лав на златно поле, како што е во Фојничкиот грбовник.
Жефаровиќ ја изработува стематографијата врз основа на стематографија на хрватскиот хералдичар Павле Ритер Витезовиќ, кој најверојатно ја направил оваа грешка.


Фојничкиот грбовник

Фојничкиот грбовник

Овој грбовник се чува во Католичкиот манастир во Фојница, во централниот дел на Босна и Херцеговина, затоа и е познат како Фојнички грбовник. Тој е еден од најпознатите грбовници од т.н. Илирска хералдика. На првата страница се наоѓа заедничкиот грб, познат како грб на Илирското Царство. Туку се претставени грбовите на Македонија, Славонија, Босна, Бугарија, Далмација, Србија, Хрватска и Рашка. Вкупно содржи 139 грба, меѓу нив се на балканските земји, како и на српската, босанската и хрватската аристократија. Се веруваше дека е создаден во 1340 година, во чест на царот Душан, но истражувањата покажаа дека најверојатно потекнува од 17 век.