Македонската илинденска епопеја била невозможна без оружје, следствено, една од главните задачи на ВМРО било вооружувањето на терористите и четите. Најпрво се набавувале ладно оружје (првенствено ками, а подоцна јатагани и бајонети за потребите на војводите и четите) и огнено оружје (револвери и бомби – за потребите на терористите, а подоцна и за четите). Од пушките најпрво се користеле домашните т.н. „тетовки“ и „дебранки“, а подоцна „кримки“, „берданки“, „манлихери“, „мартинки“, „гра“ и др. Пушките биле набавувани од Бугарија, Грција, Србија, Белгија, Австро-Унгарија, Швајцарија и од Британија. Камата и револверот се користеле и во ритуалите на ВМРО, поточно при зачленувањето во Организацијата кога се давало заклетва пред кама, револвер и Библија.
Кама – оружје намакедонските терористи
Османлиската кама станала составен дел од вооружувањето на ВМРО и била користена како симбол за агитација во борбата за слобода. Ѓорче Петров вели дека Делчев ја засакал камата и „ја претпочиташе пред револверот“.
Терористите на ВМРО биле вооружени со кама и револвер, а во акција и со два револвера. Во редовите на Организацијата имало вистински мајстори на камата, меѓу нив биле Спиро Келиманов, Нечо од Битола и Хаџи Коцев. Последниот се фрлал како мачка врз грбот на целта и убиството го извршувал со сечење на вратните жили.

Бомба „македонка“
Бомбата „македонка“ е творба на ресенецот Наум Туфекчиев, кој во својата бомболеарница произведувал бомби и го снабдувал ВМРО. Подоцна кај Гоце Делчев и кај Ѓорче Петров се родила идејата за сопствено производство на бомби и ја создаваат т.н. Саблерска бомболеарница на Осоговските Планини. Во оваа бомболеарница биле произведени околу 1.000 бомби од разни големини.
„Берданка“
„Бердана“, позната и како „берданка“, е руска пушка создадена од американскиот експерт и изумител на огнено оружје Хајрем Бердан во 1868 година. „Берданката“ беше стандардна пушка во руската армија од 1870 до 1891 година

„Нагант“
„Нагант“ е руски револвер создаден од Емил и од Леон Нагант во 1895 година. Во 1907 година, Тодор Паница, по наредба на Јане Сандански, ги ликвидира Борис Сарафов и Иван Гарванов со два револвери „нагант“.

Нагант М1895
Македонска бомболеарница

„Манлихера“
„Манлихер-шенауер“, позната и како „манлихера“, е австроунгарска пушка конструирана од Фердинанд Манлихер. Во илинденскиот период се користеле три модела – „карабин м1890“, „м1895“ и „м1903“.

„Мартинка“
„Мартини хенри“, позната и како „мартинка“, е британска пушка, која подоцна се произведува и во Соединетите Американски Држави, конструирана од Фридрих фон Мартини и од Александар Хенри. Во Македонија се користеле неколку модели.
