Заменете го автомобилот со велосипед, помалку летајте, престанете да јадете месо, инсталирајте соларни панели доколку живеете во куќа, користете помалку вода додека ги четкате забите или дури се туширате… се само дел од апелите што кружат на интернет. Добро е што грижата за животната средина станува главна тенденција, но доколку се свртиме кон себе, се поставува прашањето колку овие совети се навистина ефективни.
Новото истражување од Државниот универзитет во Грузија сугерира дека слушањето совети како овие всушност ја намалува подготвеноста на луѓето да направат што било во врска со климатските промени. Во студијата „Немој да ми кажуваш што да правам“, истражувачите анкетираа 1.915 жители на САД за да видат како испитаниците ќе одговорат на различните пораки за климатските промени. На испитаниците им била покажана една од шесте пораки, колку што биле дизајнирани за целите на истражувањето. Некои ја прочитале само изјава за опасностите од климатските промени, други ја прочитале истата порака проследена со препораки за промена на личните навики, а трети ги прочитале првичната порака и предлозите за мерки што може да се преземат. По пораката на испитаниците им биле поставени неколку прашања од кои добиле неочекуван ефект, односно намалена подготвеност на луѓето да ги намалат сопствените емисии.
Овде се поставува прашањето зошто луѓето имаат толку одбивност кон климатските промени?
– Пораките што имплицираат дека индивидуалните ограничувања на животниот стил се неопходни за да се намалат штетните емисии, предизвикуваат одбивни совети, зголемен скептицизам во врска со науката за климатските промени и разнишана доверба во климатолозите – објаснуваат научниците.
Тие истакнуваат дека кога луѓето не ги сакаат решенијата што им се презентирани или кога ќе почувствуваат дека им е загрозена слободата, тие често негираат дека има воопшто проблем. Така што многу е важно како ќе им се испрезентира проблемот или решението на граѓаните. На пример, по нафтената криза во 1973 година, Копенхаген мораше значително да ја промени својата сообраќајна инфраструктура за да го направи велосипедизмот побезбеден и поудобен за сите граѓани. Сепак, со намера луѓето навистина да ги заменат автомобилите со велосипеди, во главниот град на Данска, велосипедизмот е претставен како практичен, возбудлив, па дури и гламурозен.
Со други зборови, граѓаните се мотивирани од позитивен пример, а не со повици за одрекување или префрлување на вината. Резултат на ваквата кампања е фактот што денес во Копенхаген има повеќе велосипеди отколку луѓе, па дури и пет пати повеќе велосипеди од автомобили.