Американската серија „Симпсонови“ повеќе од три децении ги анимира гледачите од сите делови на светот со сатирично прикажување на секојдневниот живот на едно американско семејство, исмевање на културата, политиката, општеството и честото предвидување на иднината. Првата епизода на „Симпсонови“ беше прикажана на 17 декември 1989 година, а серијата ја создаде Мет Гронинг. Сите ликови во анимираната серија биле именувани по членови на неговото семејство, но Гронинг, наместо своето име, го користел името Барт.
„Симпсонови“ денес е една од најдолго прикажуваните серии во американската историја, освојувајќи десетици награди и остварувајќи огромна заработка. Сè уште е една од најгледаните серии, се прикажува во многу земји низ светот и никогаш не престанува да засмева многубројна публика.
Една од причините зошто популарноста на серијата не опаѓа е фактот дека креаторите на содржината неколкупати ја предвидоа иднината. Најновиот настан предвиден од авторите на серијата е хаосот што настана во САД по изборот на новиот претседател.
Ал Џoн, еден од авторите на серијата, вели дека пишувањето нови епизоди изгледало како групна терапија.
– Вие сте во просторија со 10-20 луѓе што имаат неверојатна смисла за хумор. Секогаш кога Доналд Трамп ќе каже или направи нешто глупаво, околу мене има луѓе што можат веднаш да смислат шега поврзана со тој настан – објаснува тој.
Сепак, интересно е како тие неколкупати ја предвидоа иднината. На пример, уште во 2000 година тие ги предвидоа Трамп како претседател на САД, ширењето на еболата, паметните телефони, појавување на Лејди Гага на Супербоул…
– Што се однесува до Трамп, во 2000 година сакавме да покажеме позната личност што ќе се кандидира за претседател – вели Џoн.
Важно е да се нагласи дека дури и пред емитувањето на оваа епизода, Трамп во неколку наврати ја објави идејата за кандидирање за претседател на САД. Значи, тоа не било само слепа претпоставка.
Настани предвидени во серијата
Во 1990-тите години се емитуваше епизода во која Барт покрај електрична централа наоѓа риба со три очи, а 20 години откако беше прикажана епизодата, идентична риба беше пронајдена покрај електроцентрала во Аргентина.
Во 1991 година, „Симпсонови“ емитуваа епизода во која Ринго Стар одговара на писмото од обожаватели испратено пред повеќе од една деценија. Другата ѕвезда на култните „Битлси“, Пол Макартни, направи нешто слично во 2013 година – тој одговори на писмо што му го испратиле двајца обожаватели 50 години претходно.
Речиси 20 години пред да го претстави „Епл“ првиот паметен часовник, односно во 1995 година, „Симпсонови“ ја претставија оваа технологија пред јавноста во една од епизодите. Покрај тоа, на јавноста ѝ беа презентирани паметни телефони, како и видеоповици и автоматска корекција.
Во епизодата „Свадбата на Лиза“, која беше емитувана во 1995 година, во заднината се гледа лондонскиот Шард, кој тогаш уште не беше изграден. Авторите ја погодија и локацијата каде што ќе почне изградбата на оваа зграда 14 години подоцна, во 2009 година.
Исто така популарна е приказната за тоа како тие го предвиделе ширењето на еболата 17 години пред да се случи навистина тоа. За потсетување, еболата првпат беше откриена во 1976 година, а епизодата се емитуваше во 90-тите години на минатиот век, додека ширењето на инфекцијата почна дури во 2014 година.
Професорот Бенгт Холмстром ја доби Нобеловата награда шест години откако ја доби во серијата.
Пред 12 години беше прикажана епизода во која Хомер се обидува да гласа за Барак Обама, но машината упорно го менува неговиот глас и му го дава на противникот на Обама. Неколку години подоцна, властите мораа да ја отстранат гласачката машина во Пенсилванија, бидејќи гласовите за Обама ги префрлала на неговиот ривал Мит Ромни.
Ова се само некои од примерите за претпоставките на авторите, досега тие успеаја да предвидат повеќе од 30 настани.
Авторите претходно повеќепати истакнаа дека доколку доволно шпекулираат, постои можност барем 10 проценти од претпоставките да се остварат. Авторот Ал Џон истакна дека предвидувањето на настаните е многу полесно отколку што гледачите мислат и се пошегува дека предвидува дека публиката ќе замисли оти авторите на серијата имаат посебни моќ за предвидување.
Оваа тема е опфатена во книгата „Симпсонови и филозофија“, каде што е објаснето дека зад серијата стои тим од високообразовани луѓе.
– Кога голем број паметни луѓе ќе се соберат да создадат серија, гледачите ќе бидат шокирани од предвидувањата и содржината – стои во описот за книгата.
„Симпсонови“ не се единствена телевизиска серија што ја предвидела иднината, на списокот се наоѓаат и „Ѕвездени патеки“ – првото слетување на Месечината, „Макс Хедрум“ го предвиде рекламирањето преку интернет, „Тандербрдс“ го најави Скајп, серијата „Пријатели“ го предвиде создавањето на социјалната мрежа Фејсбук.