Судејќи според модните трендови за претстојната сезона, оваа есен ќе биде можно сѐ, освен стилската монотонија. Нудиме неколку препораки за тоа што би морале да имате во својот плакар доколку сакате да бидете во чекор со модата.
Кафен кожен мантил
Мантил од вештачка кожа во широката палета на кафени тонови има и естетска и практична функција. Станува збор за она парче облека идеално за преодниот период меѓу летото и есента. Предноста на овој модел е во тоа што лесно се комбинира со другите елемент на облеката, здолништата и панталоните. Добар ефект остава и кога не е струкиран, а кога е со ремен се истакнува женската фигура. Таканаречениот „ПУ мантил“ прв го лансираше Ото Баер во 1932 година и досега не излегол од мода.
Гардероба во пастелни тонови
Доколку светлите интензивни бои, кои сезонава се во тренд, не му одговараат на вашиот тен и сензибилитет, пастелните тонови не се само решение за вашиот проблем туку и препорака за сезоната пред нас. Боите на песок, карамела, мед, камилица се отпорни на менување на трендовите. Меѓутоа, ако сакате да имате парче облека во пастелна боја, комбинациите на тоновите нека бидат монохроматски, евентуално различни нијанси на иста боја. Пастелот убаво изгледа на лесни, проѕирни материјали, но и на облека од штоф, волна, кашмир и кожа.
Широки панталони во комбинација со чизми
Широки панталони вовлечени во чизми ќе бидат доста чест моден детаљ на улиците на големите светски метрополи. Дизајнерите го нарекуваат тоа благ одек на панк-естетиката. Овој тренд може да се применува во различни пригоди, а што се однесува до чизмите, најпожелни се каубојските.
Сина боја во комбинација со неутрални тонови
Оваа есен хит ќе биде сината боја во различни комбинации, а најчесто со неутрални тонови. Од вас зависи која боја ќе доминира, а која ќе биде застапена во деталите.
Макси-палто во бојата на сонцето
Внесете ја енергијата на летото во сивите есенски денови. Интензивниот темен тон на жолтата боја оваа сезона е резервиран за големите парчиња облека. Долгите палта, широките јакни во жолта боја, која го привлекува вниманието, есенва ќе се најдат во плакарите на жените што ја користат модата како моќно невербално средство на комуникација.
Животински принт
Речиси нема модна сезона во која овој вид принт нема свое место. Овој пат тигар-шарата е најпосакувана. Се препорачува за големи парчиња облека, како палта или фустани. Одлично оди со црна боја, но и ако се носи со фармерки нема да биде промашување.
Крупни парчиња накит
Накитот е крајниот акцент на секоја модна комбинација. Синџирот како форма се врати минатата сезона наместо ремен на женските чанти. Сега се носи и околу вратот, но пренагласен. Оди во комбинација со обетки со кружен облик во сите големини.