Австралиската фондација за коали (АФК) денеска соопшти дека тие се загрозен вид, пренесува Би-би-си. Како што тврдат од оваа научна невладина организација која е посветена на зачувување на коалите, само 80.000 единки од ова животно од семејството торбари останале во дивината.
Тоа значи дека ги нема во доволен број за да се одржи и следната генерација. Иако овој број драстично е понизок од повеќето досегашни научни процени, нема сомнение дека бројката на коали во дивината е во голем пад, пишува „Њузвик“. Коалите се ендемски вид од Австралија и изумираат затоа што многу шуми во кои живеат се уништени.
Топлотниот бран предизвикан од климатските промени исто така е важен фактор во уништувањето на коалите. АФК ги прогласи коалите за функционално изумрени, што значи дека популацијата паднала толку ниско што тие немаат влијание на околината, односно не се во состојба да играат улога во екосистемот.
Меѓу коалите повеќе нема доволно возрасни единки што би можеле да го одржат видот. Експертите предупредуваат дека каква било генетска болест или патоген би можел да биде сериозна закана врз нивниот опстанок. Студиите покажале дека илјадници коали умреле од дехидрација при интензивниот топлотен бран во Австралија.
Коалите милиони години биле клучен дел за здравата евкалиптусова шума затоа што ги јадат нивните горни лисја, а нивниот измет што паѓа на земјата придонесува за есенцијално рециклирање на хранливите материи во екосистемот. Судејќи според пронајдените фосилни остатоци, овие животни се стари најмалку 30 милиони години.
Според АФК, во 41 од 128 познати живеалишта на коалата веќе нема ниту една единка од овој вид. Директорката на АФК, Дебора Табарт, го повика австралискиот премиер да се обиде да направи нешто за спас на коалите.
– Го повикувам новиот премиер по изборот во мај, да донесе закон за заштита на коалите, кој веќе е напишан и подготвен од 2016 година. Судбината на коалите сега е во негови раце – изјави Табарт.