Историски „оскари“
Клои Жао влезе во историјата на вчерашното 93-то доделување на „оскарите“, на церемонијата што беше различна од досегашните поради пандемијата на ковид-19. Режисерката на филмот „Номадленд“ е втората жена што ја освоила наградата за најдобра режија во речиси 100 години. Таа е исто така е првата обоена жена што ја освоила наградата на Американската академија за филмска уметност и наука во оваа категорија.
Нејзиниот филм „Номадленд“, за животот за време на Големата рецесија во американскиот запад, беше прогласен за најдобар филм.
„Оскарот“ за најдобра актерка го освои Френсис Мекдорманд, актерката што го игра главниот лик во „Номадленд“, што е нејзин трет „оскар“. Додека титулата за најдобра машка улога ја доби Ентони Хопкинс за „Таткото“.
Наградата за најдобро оригинално сценарио ја доби филмот „Надежна млада жена“ (Емералд Фенел), а за најдобро адаптирано сценарио – „Таткото“ (Кристофер Хамптон и Флоријан Зелер).
„Оскарот“ за кинематографија го доби филмот „Менк“, кој исто така беше награден и за најдобра сценографија.
Наградите за најдобра споредна улога ги добија актерката Јух-Џунг Јон („Минари“) и актерот Даниел Калууја („Јуда и црниот месија“).
„Тенет“ на Кристофер Нолан го освои „оскарот“ за најдобри визуелни ефекти. Најдобар долгометражен анимиран филм е „Соул“, додека краткометражен анимиран филм „Ако нешто се случи, те сакам“. Покрај тоа, „Соул“ го доби и „оскарот“ во категоријата најдобра филмска музика.
Златната статуетка во категоријата најдобар долгометражен документарен филм ја доби „Мојот учител октопод“.
Филмот „Ма Рејни: Мајката на блузот“ беше награден во категориите за најдобра костимографија и најдобра шминка и фризура, а за најдобра оригинална песна „оскарот“ го доби „Fight For You“.
Ова се преостанатите добитници: најдобра монтажа „Звукот на металот“ (Микел Е.Г. Нилсен), најдобар продукциски дизајн Доналд Греам Брт, награда за хуманитарна работа Тајлер Пери, најдобар краткометражен документарен филм „Колет“ (Ентони Џиачино и Алис Дојард), најдобар дизајн на звук „Звукот на металот“.