Целта на климатизерите е, секако, да се создадат пријатни услови во нашите домови или на работното место. Но од нивното користење може да има и негативни последици, кои можеме да ги избегнеме доколку се придржуваме кон основните правила
За полесно справување со екстремно високите температури во летниот период многумина уживаат во благодатите на клима-уредите. Овие уреди, иако ни помагаат, ако не се употребуваат правилно, може многу штетно да влијаат врз нашето здравје. Целта на климатизерите е, секако, да се создадат пријатни услови во нашите домови или на работното место. Но од нивното користење може да има и негативни последици, кои можеме да ги избегнеме доколку се придржуваме кон основните правила. Во спротивно би можеле да завршиме на лекар со симптоми што се манифестираат како хроничен синузитис, тешки главоболки или вкочанети мускули.
Ваквите здравствени проблеми, кои ги погодуваат сите возрасни групи, се јавуваат како последица од употребата на уредите за ладење, т.е. нова епидемија предизвикана од зголемената достапност на техничките апарати. Може да се заклучи дека климатизерите, кои денес се неопходни и достапни речиси за сите, се причина за долгите редици во лекарските ординации во текот на летните месеци. Разликата помеѓу внатрешната и надворешната температура не смее да биде преголема, поточно не смее да биде поголема од 7 до 10 степени. Во спротивно организмот нема да може за кратко време да се приспособи на наглата промена на температурата и на тој начин доаѓа до шок, кој негативно влијае врз здравјето на луѓето. Долготрајната изложеност на ладниот воздух од клима-уредот исто така може да влијае и врз работата на метаболизмот. Циркулацијата се забавува, а со тоа и сите други активности во мускулите, крвните садови и нервите.
Најздравиот начин за престојување во климатизирана просторија е претходно собата да се олади, а по влегување климатизерот да се изгасне. Пред излегување надвор, би требало да му се дозволи на организмот неколку минути да се приспособи без вклучен клима-уред, за да може полесно да го поднесе шокот од високите температури. Особено внимание треба да им се посвети на најмладите, на децата, бидејќи предолгото присуство во климатизирана просторија може да доведе до инфекција во увото. Правилното одржување и чистењето на клима-уредите е исто така многу важно. Филтерот низ кој излегува разладениот воздух треба да се чисти барем еднаш годишно, затоа што тоа е влажна и валкана подлога идеална за развој на штетни микроорганизми, од кои некои можат да доведат до воспаление на белите дробови. Во сезона на користење на клима-уредите се препорачува и дезинфекција со специјализирани средства. Климатизерот никако не смее да се намести да дува директно во вас. Исто така уредот мора да биде поставен така што ништо нема да го нарушува протокот на воздух.
Мора да се обрне внимание и на тоа колку топлина влегува низ прозорецот во текот на денот за поекономична потрошувачка на енергија. Ова е доста важно бидејќи доколку уредот се бори со топлиот воздух, ќе работи понапорно, а на тој начин и ќе троши повеќе енергија. Во зависност од тоа колку е силно сонцето, прозорците треба да се отвораат и затвораат за да не влезе премногу топлина во просторијата. Така ќе му се олесни работата на клима-уредот и ќе му се продолжи неговиот рок на траење, а ќе заштеди и електрична енергија.