На островот Кижи во Езерото Онега, најголемото езеро во Северна Европа, се наоѓа православен христијански комплекс познат како Кижи Погост, што во превод значи затворена гробница. Комплексот, кој е стар 300 години, е составен од две цркви и камбанарија, кои се направени од дрво, но без ниедна шајка.



„Црквата на преображението“ е изградена во 1714 година, додека „Црквата на посредникот“ е изградена во 1764 година. Камбанаријата е издигната во 1862 година, откако претходната подлегнала на условите на времето.

Црквите се направени од дрво благодарение на октагоналната форма на градбата, а трупците и гредите се спојуваат меѓусебно под одредени агли. Традиционалните руски мајстори се служат со овие аголно-заклучувачки механизми што ги фиксираат дрвените греди без да користат шајки.

Бидејќи во „Црквата на преображението“ нема греење, таа е отворена за богослужба за време на летото, а со својата висина од 37 метри, се смета за највисока дрвена структура во Северна Европа.

Имињата на градежниците кои го издигнале овој дрвен храм се изгубени со текот на времето, но постои легенда според која црквата била подигната од еден човек, кој откако го завршил нејзиното градење, го фрлил својот алат во езерото, велејќи „не постоеше и нема да постои друга црква како оваа“.

„Црквата на посредникот“ се смета за зимска црква, чии служби почнуваат од октомври па сѐ до Велигден. И таа, иако изградена подоцна, е издигната на ист начин – без шајки и направена само од дрво.

Иако комплексот низ вековите е изложен на суровите временски услови, и под постојана опасност од пожар заради својата дрвена конструкција, Киџи Погост опстојува три столетија и претставува сведок на генијалноста на инженерите и архитектите од 18-тиот век.

Од 1990 година, комплексот стана дел од Светското наследство на УНЕСКО, а неколку години подоцна беше прогласен за дел од Руското културно наследство.