Технологиите за вештачка интелигенција ќе предизвикуваат нови проблеми околу верификацијата на идентитетот
Новата кинеска апликација ЗАО, која им овозможува на луѓето да ги заменат своите лица со славни личности, спортисти или со кој било друг во видеоснимка, доведе до дилема и голема загриженост од страна на некои од нејзините корисници околу тоа што се прави со нивната приватност. Апликацијата во моментов е најпопуларна во продавницата за апликации иОС во Кина и за само неколку дена беше преземена милион пати, а интересот беше толкав што апликацијата речиси што не падна. Видеата преземени од апликацијата многу брзо станаа вирални, со тоа што корисниците споделуваа видеа од себе и се заменуваа со актерите во познатите сцени од серијата „Игра на тронови“ или од филмовите на Леонардо ди Каприо.
Но огромниот успех доведе до непосредни прашања околу тоа што точно прави апликацијата со лицата на луѓето и како може да се злоупотреби слична технологија во иднина. Некои од корисниците истакнуваат дека технологиите за вештачка интелигенција ќе предизвикуваат нови проблеми околу верификацијата на идентитетот.
Една од главните грижи е околу приватноста на апликацијата. Кога корисникот се пријавува за да ја користи, тој ги одобрува правилата и условите и потоа симнува своја фотографија. Вашето лице понатаму се користи за да се замени во видеоснимките, со спортски или со филмски ѕвезди. Ваквите видеа можат да се споделуваат и со пријателите. Но проблемот е што истите тие фотографии се засекогаш достапни за користење на апликацијата и тоа за какви било цели на програмерите. Дел од политиката за приватност, на која се согласуваат корисниците, појаснува дека секој што ќе постави своја фотографија на апликацијата, автоматски ги предава и правата на интелектуална сопственост за таа фотографија. Поради тоа ЗАО може да ги користи вашите лични фотографии, кои ви се чини дека се поставени само за забава, за сопствени цели за маркетинг.
Околу ваквите дилеми во јавноста, ЗАО одговори на кинеската интернет-страница за социјални медиуми „Веибо“. Но од компанијата не појаснија ниту што точно планираат да направат, ниту како се користат тие фотографии во моментов.
– Во целост ја разбираме загриженоста на луѓето за својата приватност. Ние ги добивме прашањата што ни ги испративте. Ќе се обидеме да ги исправиме работите што не сме ги разгледале и за тоа ќе треба да помине одредено време – истакнаа од компанијата во изјава дадена за „Ројтерс“.
Апликацијата исто така доведе до загриженост околу т.н. видеа дип-фејк, технологија што им овозможува на луѓето да се вметнат во лажни видеоснимки, или со помош на вештачката интелигенција да креираат видеа со лажни изјави. Експертите за вештачка интелигенција предупредуваат дека технологијата во ЗАО исто така може да се искористи и за да ја наруши довербата помеѓу луѓето, со создавање лажни видеа во кои луѓето изјавуваат или прават целосно невистинити работи.