Кина има намера да лансира беспилотно експериментално вселенско летало следниот месец, како дел од пошироката програма за вселенско летање, за транспорт на астронаути до нивните идни вселенски станици, објавија државните медиуми. Вселенското летало од новата генерација е предвидено да биде лансирано со- употреба на ракетата „Лонг марч-5Б“ од јужната провинција Хаинан, објави новинската агенција „Ксинхуа“, повикувајќи се на кинеската вселенска агенција ЦМСА.
Лансирањето е закажано помеѓу средината и крајот на април. Леталото се развива за кинески вселенски станици и идни истражувања на вселената. Ќе биде поголемо од сегашното вселенско летало „Шенжоу“ и ќе може да се користи повеќепати.
– Мисијата ќе ги тестира клучните технологии на новото вселенско летало за екипажот, како што е контролирање на неговото повторно влегување во атмосферата, термички оклоп и сл. Со тоа ќе се постават темелите за развој на транспорт на идните астронаути до кинеската вселенска станица – вели Јанг Кинг, дизајнер на вселенски летала во кинеската академија за вселенска технологија.
Долго 8,8 метри и со тежина од полетувањето 21,6 тон, леталото ќе може да носи шест астронаути, што е повеќе од максималниот капацитет на „Шенжоу“, кој е ограничен на три лица. Целта на Кина е да ја заврши вселенската станица, која ќе има постојана екипа околу 2020 година. Вселенското истражување стана главен приоритет за Кина во последниве години, додека се обидува да ги достигне Русија и САД и да стане вселенска сила до 2030 година.