Министерството за образование на Кина донесе одлука да им забрани на учениците да користат мобилни телефони во училиштата. Образложението на министерството е дека со оваа мерка ќе се заштити видот на децата и ќе се спречи и намали зависноста од интернет и видеоигри, со што ќе им овозможи на децата подобра концентрација при учењето.
Забраната се однесува на носење телефони во училиштата и во училишните игралишта. Исклучок ќе бидат оние ученици кои ќе добијат родителска согласност и писмено одобрение од училиштето. Бидејќи децата мораат некако да комуницираат со своите родители, поради таа причина во училиштата ќе бидат поставени телефонски говорници.
Мислењата за оваа одлука се поделени. Некои веруваат дека со тоа не се решава проблемот со зависноста на децата од интернетот и технологијата, додека други сметаат дека оваа регулатива ќе им помогне на децата да се ослободат од прекумерната употреба на мобилни телефони.
Пред неколку години, во Кина беше донесен и закон според којшто на учениците им е дозволено да играат видеоигри само по 90 минути во работните денови, и три часа за време на викенд.