Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“
Џек Керуак, Ален Гинсберг, Вилијам Бероуз, Лоренс Ферлингети, Гери Снајдер, Боб Кауфман и Грегори Корсо се најпознатите и најславни претставници на бит-генерацијата. Денес нешто повеќе внимание ќе им посветиме на Керуак и на Гинсберг. Слободно и релаксирано можеме да тврдиме дека токму Џек Керуак со своето дело и живот покажа по кои патишта ќе се движат многу генерации на западното општество во 20 век. Со своето епохално дело „На патот“, ја исцрта траекторијата на патот на младите од Америка во 1950-тите и 1960-тите години. Слична маршрута, едно столетие поарно, се обидоа да утврдат Емерсон, Торо, Мелвил, како и Џек Лондон и Ернест Хемингвеј во Европа. Керуак е многу чудна и контроверзна фигура на Америка.
Неговите контроверзии и денес сјаат. Тој имаше слободен дух, беше вљубеник во џезот, творец на спонтана проза, осаменик, писател склон кон ексцеси, алкохол и дроги, голем почитувач на будизмот и страстен поклоник на зенот. Див и неуморен патник, републиканец и конзервативен, трагичен апостол на посткенедиевска Америка, како и поет на Витмановиот пат. Тој е татко на бит-генерацијата, претходниците на хипи-движењето и хипиците и, секако, еден од творците на култот на контракултурата на западната сфера. Како таков, никако не може да се собере во некои мери и фиоки на уметничкиот и општествениот живот на Америка на 1950-тите и 1960-тите години. Тој постојано беше во судир со формите и во војна со системот.
Се згрозуваше од државните и општествени канони. Во мисијата за разбивање на истите тие, неговиот глас беше извонредно моќен, а неговата поезија дрска, на нова бескомпромисна и незгодна („Немој да користиш телефон. Луѓето никогаш не се подготвени да одговорат. Користи поезија“). Кога во 1957 г. го објави романот „На патот“, реномираниот „Њујорк тајмс“ го фалеше неговото дело како роман на бит-генерацијата и велеше дека е еднакво важен и признаен како „Сонцето повторно се раѓа“ на Хемингвеј. Тој роман бргу стана бестселер и го прослави како херој во светски рамки. Неговиот дух беше пред времето во кое тој живееше. И затоа можеме да кажеме дека е голем човек. Голем човек што во животот даде многу повеќе, отколку што прими. Човек што на американското општество му ја покажа неонската ѕуница, во барата од согорено масло. Скитник и ангел. Чуден осамен и откачен католички мистик. Американски херој и светец. Човек, како што претходно е истакнато, кој ја создаде бит-генерацијата и беше нејзин најавтентичен глас. Учен христијанин и будист, кој „одлепуваше“ на Мајлс Дејвис и Чарли Паркер. Кога ги пишуваше своите книги и усно ѝ се обраќаше на бит-генерацијата, тој просто го „џезираше“ американскиот јазик. Сентиментален, аполитичен, американски провинцијалец, кој успешно медитираше за космосот како и Торо пред него. Правеше сѐ да ја ослободи авторитарната инхибирана и рестриктивна интелектуална клима во 1950-тите години. Уживаше кога правеше нешто што е забрането, само да се спротивстави на зачмаеното национално срање „не чини го ова… одбегнувај го ова… внимавај што правиш…“. Тој чувствуваше силна потреба да ја изнесе својата душа, и да комуницира со преостанатиот свет, со сета апсолутна искреност што ја поседуваше. Искажуваше јавно сѐ што му е на ум и во срцето, и така остваруваше целосна човечка и директна комуникација. Керуак ја внесе идејата за апсолутно искрена и спонтана свест како медиум и инструмент на уметноста.
Ален Гинсберг е пророк што предвидуваше: „По 100 години луѓето нема да се сеќаваат на денешните писатели, но сѐ уште ќе го читаат Џек Керуак“. Тој е дивиот шаман на бит-генерацијата од 1950-тите. Екстатичен поет. Благороден гуру на „Децата на цвеќето“ од 1960-тите. Но и гуру на цели генерации на збунети, вознемирени и незадоволни млади луѓе. Прославен уличен интелектуалец и радикален мислител. Автор на „Урлик“, монументалниот протестен крик на 1950-тите. Меѓу другото ова епохално дело е познато по неговиот прв стих, кој е можеби најцитираниот стих во историјата на постмодерната литература: „Видов како најголемите умови на мојата генерација гладуваат, уништени од лудило и хистерично голи, како се влечат низ црнечките улици во зорите барајќи гневен фикс, ангелоглави хипстери што горат во древните небески нишки на ѕвезденото динамо од машинеријата на ноќта“. Ова дело придонесе овој битник да стане незаменлив пророк, со вистинска отвореност и искреност. Човек што во пустина очајнички трага по љубов. Сведок и трагач по човечки, вонвременски, духовни и физички потреби. Со еврејско левичарско потекло и мајка, која го упатила во марксистичката револуција. На 16 години се запишува на универзитетот „Колумбија“, каде што за своите први поетски чекори добива охрабрување од неговите идни другари Керуак и Бероуз. Цел живот патуваше низ светот – САД, Мексико, Европа и Азија. Изучуваше голем број светски религии.
Подложувајќи се на многубројни експерименти со свеста, тој мудро ја истакнуваше нејзината суштина. Плоден автор, кој создаде поезија што секогаш, во секое време и на секое место е во согласност со вселената. Еден од најголемите учители и теоретичари на бит-генерацијата. Ќе биде запаметен по тоа што е клучната врска помеѓу битниците од 1950-тите и хипиците од 1960-тите, спријателувајќи се со Тимоти Лири, Кен Киси, Род Мекуен и Боб Дилан. Исто така тој е и првата личност на северноамериканскиот континент што ја испеа мантрата „Харе Кришна“. Керуак и Гинзберг, како бит-апостоли, беа најголема инспирација на рок-поетите и икони, како што се Џим Морисон, Дејвид Боуви, Боб Дилан, Мик Џегер, Леонард Коен, Џон Ленон и многу други.
Сотир Костов